Завршува реконструкцијата на историскиот објект на Министерството за одбрана во Струга
Реконструкцијата на објектот на Министерството за одбрана во Струга, кој претставува едно од препознатливите архитектонски обележја на градот и значајно културно наследство, влегува во својата завршна фаза.
Увид во текот на градежните работи извршија градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот на НУ Завод и Музеј – Охрид, Горан Патчев.
Станува збор за објект изграден во 1934 година, кој е прогласен за заштитено културно добро и претставува значаен сведок на историјата и урбаниот развој на Струга. Со проектот се реконструираат фасадата и кровната конструкција, со цел да се обезбеди долгорочна заштита на објектот и да се зачува неговиот автентичен архитектонски изглед.
За реализација на реконструкцијата, Министерството за култура и туризам обезбеди 9.114.000 денари, а конзерваторско-реставраторските работи се во завршна фаза.
Градоначалникот Менди Ќура истакна дека грижата за културното наследство претставува инвестиција во иднината на Струга.
„Зачувувањето на културното наследство не значи само обнова на објекти, туку и зачувување на идентитетот, историјата и препознатливиот лик на нашиот град. Ваквите проекти придонесуваат за развојот на Струга и за унапредување на нејзината културна и туристичка понуда“, порача Ќура.
Од Општина Струга потенцираат дека зачувувањето и обновата на објектите со културно-историска вредност остануваат важен приоритет, со цел нивно пренесување на идните генерации и афирмација на богатото културно наследство на градот.
StrugaOnline

