Министерот Хоџа вчера беше во официјална посета на Струга – фокус на водоснабдувањето и еколошките проекти
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, денеска го пречека министерот за животна средина и просторно планирање Мухамет Хоџа, кој престојуваше во официјална посета на Општината.
На средбата се разговараше за актуелните инфраструктурни и еколошки предизвици со кои се соочува Струга, со посебен акцент на состојбата со водоснабдувањето, како и за реализацијата на повеќе проекти кои имаат значајно влијание врз подобрувањето на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.
Во рамки на разговорите беа разгледани неколку конкретни проекти кои се веќе во фаза на реализација или подготовка. Меѓу нив е проектот за замена на азбестните водоводни цевки во градот, со цел обезбедување побезбеден и посигурен систем за водоснабдување.
Исто така, се дискутираше и за изградбата на транзитен цевковод за фекални отпадни води на релација Радожда – Калишта, проект кој има значајна улога во заштитата на Охридско Езеро и подобрување на еколошките стандарди во регионот.
На средбата беше разгледана и подготовката на техничка документација за изградба на пречистителна станица за отпадни води во селото Лабуништа, што претставува важен чекор кон подобро управување со отпадните води.
Градоначалникот Ќура ја истакна силната посветеност на Општина Струга кон реализација на развојни и еколошки проекти, нагласувајќи дека институционалната соработка со ресорното министерство е од особено значење за надминување на долгогодишните инфраструктурни предизвици и за обезбедување одржлив развој.
Средбата, како што беше посочено, претставува важен чекор кон унапредување на соработката помеѓу локалната и централната власт, со заедничка цел – помодерна, поодржлива и подобро уредена Струга.
StrugaOnline

