МКОЦ Соната Охрид со порака по повод Светскиот ден на танцот

- Локални
457

Денеска е светскиот ден на танцот. Ви ја пренесуваме пораката на МКОЦ Соната Охрид испратена по повод на овој светски ден.

Молк, наместо танц и музика. Изолација, наместо движења и истражувања. Денес е светскиот ден на танцот, кој како никогаш до сега се празнува “без танц”. Без танц во наводници затоа што денес ја немаме слободата да уживаме на сцена пред публика, затоа што не можеме да го почувствуваме аплаузот кој секогаш не тера да се вратиме посигурни и подобри.

Во време кога сите сме благодарни на технологијата и уживаме во нејзините благодети, танцот не умира, но ја нема душата што ја имаше пред тоа. Часовите кои ги организираме online не можат да се заменат со љубовта и енергијата на менторите додека предаваат и корегираат. За танц потребни се двајца, но да се блиску и да се чувствуваат.

Додека не дојдат подобри времиња, останува само да ја наоѓаме самостојно инспирацијата во движењата и да се обидеме да уживаме во нив без аплауз. Аплаузот овој пат го даваме на медицинските лица и сите оние кои ги почитуваат препораките за заштита од Covid-19. Вие сте сега тие кои стоите на сцената и искрено едвај чекаме да заврши вашиот ред, за ние да застанеме на неа.

До тогаш, бидете живи, здрави и весели. Собирајте енергија и истражувајте се себе си. Кога сето ова ќе заврши, нека грмне музика и нека се слави со танц!

Facebook Коментари