Нови откритија на архајската некропола кај Корошишта
Националниот археолошки музеј, денеска, на прес-конференција на археолошкиот локалитет „Расница“, кај струшкото село Корошишта, пред јавноста ќе ги презентира најновите резултати од археолошките истражувања.
– Истражувањата оваа година донесоа ново исклучително откритие, богато војничко погребување со комплетна воена опрема, меѓу која се откриени штит, шлем, копја, меч и други предмети од злато, бронза, килибар и други материјали.
Најновите резултати се од особено значење бидејќи дополнително и недвосмислено го потврдуваат карактерот на локалитетот Расница како некропола од архајскиот период, отворајќи нови можности за проучување на погребните обичаи, воената и општествената структура и елитите што живееле на просторот на Охридско-струшкиот регион во текот на VI век пр. н.е. Локалитетот Расница кај Корошишта го привлече вниманието на јавноста во 2024 година, кога археолошките истражувања открија монументална гробна целина и исклучително богат археолошки материјал. Меѓу тогашните наоди беа бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови, информираат од Националниот археолошки музеј.
Додаваат дека откритијата од 2026 година сега внесуваат нова и исклучително важна димензија во разбирањето на некрополата. Богатото војничко погребување и комплетот оружје откриен во него претставуваат значаен археолошки контекст што ќе овозможи попрецизно согледување на статусот, идентитетот и воената улога на дел од лицата погребани на оваа некропола.
– Со континуираните истражувања, Корошишта се издвојува како еден од најзначајните новооткриени археолошки комплекси од архајскиот период во земјата и како локалитет од особено значење за проучувањето на Охридско-струшкиот регион во VI век пр. н.е. На прес-конференцијата на самото место ќе бидат презентирани најновите откритија и првичните сознанија на археолошкиот тим под раководство на д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј. Ќе присуствуваат директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, како и директорите на НУ Завод и музеј Охрид, Горан Патчев и на НУ Музеј д-р Никола Незлобински-Струга, Цветлана Василевска, потенцираат од Националниот археолошки музеј.
StrugaOnline

