Лев банер Десен банер

Од 4 до 6 септември Струга домаќин на „Ревијата на народни носии – Струга 2026“

Богатството на македонската традиција, фолклор и народните носии ќе биде во фокусот на тридневната културна манифестација „Ревија на народни носии – Струга 2026“, која ќе се одржи од 4 до 6 септември 2026 година во НУЦК „Браќа Миладиновци“ – Струга.

Манифестацијата годинава е посветена на јубилејот „Сјајот на македонската народна носија – 55 години“, со што ќе биде одбележана повеќедецениската традиција на презентација и афирмација на народните носии и македонското културно наследство.

Настанот се одржува под покровителство на Министерството за култура и туризам и Општина Струга, а организатори се КУД „Илинден“ – Струга и НУЦК „Браќа Миладиновци“ – Струга.

Програмата започнува во петок, 4 септември, во 19 часот, со проекција на документарниот филм „Занаети и време – Филигранство и кујунџиство“, авторски проект на РТВ Скопје од 1982 година.

Вечерта ќе продолжи во 19:30 часот со промоција на монографијата „Охридско-струшкиот кувенџиски центар“, чиј автор е Љупчо Милошески.

Во сабота, 5 септември, од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Црквите и манастирите во гевгелиско“, во авторство на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ – Гевгелија.

Од 19:30 часот е предвидена и Интернационална вечер, на која ќе биде претставен фестивалот „Бисерна Грана“, проследен со ревија на народни носии од Република Србија. Автор на презентацијата е КЦ „Младост“ – Футог.

Централниот настан е закажан за недела, 6 септември, со почеток во 19 часот, кога ќе се одржи „Ревија на народни носии – Струга 2026“, посветена на 55-годишниот јубилеј „Сјајот на македонската народна носија“.

Со оваа манифестација Струга уште еднаш ќе биде место за средба на традицијата, фолклорот и културното наследство, со цел негово зачувување, промоција и пренесување на идните генерации.

Три дена култура, традиција и фолклорно наследство – во чест на 55 години „Сјајот на македонската народна носија“.

StrugaOnline

error: