Од денеска започнува санацијата на свлечиштата кај Глобочица и Луково

- Локални
680

Почнувајќи од денеска, вторник, 5-ти април 2022 година, ќе започнат градежни активности за санација на свлечишта кај село Глобочица и кај село Луково на регионалниот пат Р1201 делница Струга-Дебар, информираат од АМСМ.

Додаваат дека е предвидено комплетно затварање на овој дел од патот секој ден од 10:00 до 14:00 часот во следниот период од 6 месеци. Градежните активности ги изведува Друштво за градежништво Пелагонија АД Гостивар.

– Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат од АМСМ.

Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово-Велес, Маврово-Дебар-Струга, Виница-Берово и Кочани-Делчево.

Facebook Коментари