Општина Струга со поддршка за иницијативите за конечно решавање на депонијата
Потребата од заедничка акција за конечно решавање на долгогодишниот проблем со депонијата во Струга беше во фокусот на јавната дискусија „Од дива депонија до европско решение – солуција за Струга“, на која учествуваше и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.
Во своето обраќање, градоначалникот нагласи дека станува збор за еден од најсериозните еколошки предизвици со кои се соочува градот и дека неговото надминување бара координиран пристап и заедничка посветеност од сите релевантни чинители.
„Не можам сам да го решам проблемот, но ќе дадам сѐ од себе. Потребно е сите заедно уште погласно да зборуваме за овој предизвик и да бараме конкретни решенија“, истакна Ќура.
Тој потенцираше дека решението не зависи од една институција, туку од партнерство меѓу локалната и централната власт, граѓанскиот сектор, меѓународните организации и самите граѓани.
Од Општина Струга посочуваат дека ги разбираат и ги споделуваат грижите на граѓаните, имајќи предвид дека депонијата со години претставува сериозен еколошки и здравствен проблем за локалното население. Локалната самоуправа останува посветена на поддршка на сите иницијативи што ќе придонесат за воспоставување одржливо и долгорочно решение.
На јавната дискусија беше истакнато дека постои заедничка волја проблемот конечно да се адресира преку воспоставување на регионален систем за управување со отпад, затворање и санација на постојните депонии, како и преку подигнување на јавната свест за одговорно постапување со отпадот.
Учесниците се согласија дека Струга заслужува почиста и поздрава животна средина и дека до таа цел може да се стигне единствено преку дијалог, партнерство и заедничка акција на сите општествени чинители.
StrugaOnline

