Општина Струга започна обележување на јавните површини пред туристичката сезона
Општина Струга во пресрет на летната туристичка сезона започна акција за обележување на јавните површини што ги користат локалните бизниси во градот.
Акцијата се реализира на двете страни од реката Црн Дрим, како и на централното градско шеталиште „Корзо“, односно на сите јавни површини кои спаѓаат во категоријата урбана опрема.
Од Општината информираат дека обележувањето се врши со цел да се обезбеди почитување на јавниот простор согласно одобрените проекти и претходно поднесените апликации од страна на засегнатите бизниси.
„Ги повикуваме локалните бизниси да покажат разбирање и соработка во врска со оваа иницијатива“, велат од Општина Струга.
Воедно, локалната самоуправа апелира и до граѓаните да пријавуваат евентуални неправилности поврзани со користењето на јавните површини.
„Сите граѓани кои ќе забележат неправилности во однос на почитувањето на јавните површини, истите да ги пријават во Општина Струга кај надлежните инспектори“, стои во соопштението.
Со оваа активност, Општина Струга има за цел да воведе поголем ред во користењето на јавниот простор и да обезбеди поуредена и пофункционална туристичка сезона за граѓаните, посетителите и локалните угостители.
StrugaOnline

