Струга дел од регионалните напори за поефикасно управување со отпадот
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, учествуваше на втората работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион, која се одржа во Битола.
На седницата беше презентирана нацрт-верзијата на новиот Регионален план за управување со отпад за периодот 2027–2032 година. Во фокусот на дискусиите беа унапредувањето на инфраструктурата за управување со отпад, подобрувањето на процесите за селекција, затворањето на нестандардните депонии и воспоставувањето ефикасен регионален систем.
Регионалниот пристап треба да овозможи координирано решавање на предизвиците поврзани со отпадот, преку долгорочно планирање и соработка меѓу општините.
За Општина Струга, воспоставувањето одржлив систем за управување со отпад е особено важно за заштитата на животната средина, зачувувањето на природните богатства и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните.
Од локалната самоуправа посочуваат дека остануваат посветени на регионалната соработка и на спроведувањето долгорочни решенија што ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина.
Работата на Меѓуопштинскиот одбор се реализира со поддршка на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од Шведска, а спроведуван од SALAR International.
Со подготовката на новиот регионален план се поставува основа за понатамошно планирање на мерките и активностите за поодржливо управување со отпадот во Пелагонискиот и Југозападниот регион.
StrugaOnline

