Лев банер Десен банер

Познати петте финалисти за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата 2026

Жири-комисијата за наградата „Браќа Миладиновци“, која традиционално се доделува во рамките на Струшките вечери на поезијата, го објави потесниот избор од пет поетски книги што ќе конкурираат за престижното признание во 2026 година.

На годинешниот конкурс, организиран од НУМ „Струшки вечери на поезијата“ – Струга, пристигнале 37 поетски книги од 35 автори, објавени во периодот од 1 јуни 2025 до 1 мај 2026 година.

По разгледувањето на пристигнатите дела, Комисијата најпрво утврди поширок избор од десет автори, а потоа едногласно го избра потесниот круг од пет книги кои остануваат во трка за наградата:

  • „Меко трње“ од Марија Ангеловска;
  • „Во куќата“ од Николина Андова Шопова;
  • „Длабок простор“ од Зоран Анчевски;
  • „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска;
  • „Болна земја“ од Братислав Ташковски.

Според Правилникот за наградата, работата на жири-комисијата продолжува во тајност до донесувањето на конечната одлука. Поетите кои се најдоа во потесниот избор ќе бидат претставени на посебен фестивалски настан пред официјалното соопштување на добитникот, кое е закажано за 26 јуни во 12:30 часот.

Покрај паричната награда, авторот на наградената книга ќе добие и превод на делото на англиски јазик, негова промоција, како и поетски портрет на следното издание на фестивалот.

Годинашните Струшки вечери на поезијата ќе започнат на 24 јуни со традиционалното засадување дрво во Паркот на поезијата од страна на добитничката на „Златниот венец“, холандската поетеса Анеке Брасинга. Официјалното отворање на фестивалот ќе се одржи истата вечер во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Фестивалот оваа година ќе се одржи под мотото „Каде што живее поезијата“, симболично посветено на јазикот како дом на поезијата, на идентитетите, различностите и трајната вредност на пишаниот збор. Со ова издание, Струшките вечери на поезијата одбележуваат значаен јубилеј – 65 години од своето постоење.

StrugaOnline

error: