Премиера на претставата „Секс, лаги и љубомора“ и концерт на словенечкото пијано дуо „АнАнтонио“вечерва на ,,Охридско лето“

- Локални
400

Во рамки на 62-то издание на фестивалот ,,Охридско лето“ вечерва со почеток од 21:00 часот, во малата сала при Центар за култура Гиргор Прличев ќе биде одиграна премиерата на театарската претстава „Секс, лаги и љубомора“ од Марко Камолети, во режија на Коле Ангеловски.

-Самото дејствие се случува во зграда, во стан модерно наместен со прекрасен поглед на градот, со убаво креирана костимографија, современа и елегантна.Несуден диригент на оваа лакрдија е куќната помошничка, која е постојано на сцената и со многу импровизации се обидува да ги оправда нештата кои се случуваат околу неа. Ова е претстава за љубовта, прељубата, за вербата и надежта. За ведрата страна на животот, за оние мали искри во секој од нас, како што велат Французите: „joie de vivre” или „радоста на живеењето“.-стои во описот на содржината

Улогите ги толкуваат : Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ -Тодороска, Елизабета Стефановска, Билјана Билаловиќ – Вељаноска и Марија Новак. 

Истовремено, во катедралната црква Света Софија, концерт ќе одржи  словенечкото пијано дуо „АнАнтонио“.

„АнАнтонио“ пијано – дуетот го сочинуваат пијанистите Ана Јосимовска Кањацо и Антонио Кањацо. Двајцата признати музичари со македонско и италијанско потекло кои живеат и творат во Љубљана, Словенија.

Нивниот врвен пијанистички израз е обликуван од различните културни средини и познатите музички институции како што се: Музичката академија во Љубљана, Академијата  „Санта Чечилија“ во Бергамо, Академијата „Анџелика Константинијана“ во Рим, Музичката академија во Пескара и преку соработката со извонредни музичари меѓу кои:  Константин Богино, Дубравка Томчиш – Среботњак, Рита Трпчева – Поповиќ, Маријаграција Лиои, Карола Гриндеа, Ноел Флорес, Александар Сердар, Марина Хорак, Михаил Воскресенски, Алдо Чиколини, Бруно Ригуто, Марчела Крудели.

Како солисти и камерни музичари се добитници на многу награди од меѓународни натпревари и настапувале со  Националаната филхармонија на Р.С. Македонија, Словенечката филхармонија, Оркестарот на музичката академија од Пескара, Младинскиот оркестар од Мартиненго, оркестарот на меѓународниот фестивал во Чиогија,  на фестивалот  „Охридско лето“, на  „Коларац“ во Белград, во Народниот музеј во Софија, на „Камерфест“ во Приштина, во театарот „Паисиело“ во Лече, салата „Пјати“ во Бергамо, во театарот „Марчело“ во Рим, на Словенскиот конзерваториум во Париз, во „Готеанум “ во Дорнах, во „Мајкл Хол“ во Лондон, на Музичката академија во Осло…

И двајцата пијанисти се валдорфски педагози и предаваат во Валдорфското музичко училиште во Љубљана. Успешно ги здружуваат концертната и педагошката дејност. Имаат концерти и семинари во организација на музичките училишта во Словенија и концертни предавања преку ЕПТА – Словенија и Италија.

Нивниот репертоар опфаќа дела за соло пијано, пијано дует и за две пијана од  Јохан Себастијан Бах до делата на  Шчедрин и Куртаг.

Во 2014 година дуетот го издаде својот прв компакт диск со наслов „Тарантела“ на кој се поместени солистички и камерни дела.

Facebook Коментари