Привремено ќе запре производство на струја од хидропотенцијалите, целта е да се заштити животната средина и биодиверзитетот

- Локални
515

Со цел да се заштити животната средина и биодиверзитетот согласно обврските од водостопанските дозволи, потребно е привремено да се запре со производство на електрична енергија од хидропотенцијалите. Ова е заклучокот по онлајн состанокот на премиерот Зоран Заев, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

– Со оглед на тоа што според сите показатели и споредбени просеци во изминатите 15 години, 2020 година е исклучително лоша во однос на хидролошката состојба, како и со оглед на поинтензивната работа на хидроелектраните во одреден период во последните неколку месеци поради елементарните непогоди во рудниците во РЕК Битола, водата во езерата се искористи во пообемна мера и секој понатамошен истек ќе го загрози еколошкиот минумум на котите, неопходен за живиот свет, соопштуваат од министерството за животна средина и просторно планирање.

Според годишниот план за работа на АД ЕСМ, на почетокот на грејната сезона кога е зголемена побарувачката на електрична енергија, беше предвидено вклучување во системот на РЕК Осломеј, која е технички подготвена. Сепак, во овој момент термоцентралата не може да биде ставена во производство поради исто така неповолна хидролошка состојба на системот Студенчица, од каде се обезбедува вода за разладната кула.

– Во РЕК Битола се работи со два блока, додека на Блок 3 се изведува капитален ремонт. За жал, во изминатите 10 години не беа изведени капитални ремонти, со што беше доведена во прашање доверливоста и сигурноста на блоковите. На состанокот е заклучено АД ЕСМ за своите потреби за системски, балански услуги да набави електрична енергија преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд, до нормализирање на природните услови кои ќе овозможат оптимално производство на капацитетите кои директно или посредно користат вода во производниот процес, додаваат од ресорното министерство.

Заклучено е во наредниот период, АД ЕСМ преку својата фирма ЕЛЕМ Трејд да го развива трејдингот, односно купувањето и продавањето на електрична енергија, во зависност од берзанската цена на струјата и цената на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, а со цел да се оствари поголем профит за компанијата и државата.

Facebook Коментари