Лев банер Десен банер

Шест први места за струшките пензионери на регионалните спортски натпревари во Дебар

Струшките пензионери остварија одличен успех на 30-тите регионални спортски натпревари на пензионерите, кои се одржаа на 14 јуни 2026 година во Дебар, освојувајќи дури шест први места во повеќе спортски дисциплини.

Претставниците на Здружението на пензионери од Струга, предводени од претседателот Минир Мамиди и претседателот на Комисијата за спорт и рекреација Јован Попоски, се натпреваруваа во силна конкуренција со здруженијата од четвртиот регион – Охрид и Дебрца, Кичево, Вевчани, Лабуништа, Дебар и Центар Жупа и Македонски Брод.

Струшките пензионери настапија во вкупно 11 дисциплини, при што освоија шест први места и обезбедија пласман на Републичките спортски натпревари. Најуспешни беа во дисциплините слободно фрлање на кош во машка и женска конкуренција, шах за мажи, шутирање пенали на мали голчиња во женска конкуренција и домино за мажи.

Со освоените први места, победниците стекнаа право на учество на Републичките спортски натпревари на пензионерите, кои ќе се одржат во септември во Скопје, по повод Денот на пензионерите – 20 Септември.

На најдобрите натпреварувачи им беа врачени дипломи за освоено прво место од страна на организаторот – Сојузот на пензионери на Македонија. Признанијата ги доделија потпретседателот на Извршниот одбор на Сојузот, Музафер Муртезани, заедно со претседателот на Здружението на пензионери од Дебар, Петрит Имами.

Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ

StrugaOnline

error: