Стрезо Стаматоски: Aктерските способности ги користам и приватно за да им покажам на луѓето дека и јас сум човек со доблести и маани

- Интервју, Локални
224

Во денешното издание на емисијата Play cafe, што се емитува на Play radio, гостуваше Стрезо Стаматоски – професионален актер во Народен театар Охрид. Со Стаматоски зборувавме за сите доживувања на како што актерите милуваат да кажат, „штиците што живот значат“, за улогите кои го менуваат и замислуваат човекот и за актерството што постои и кога ќе се тргне завесата.

Play radio: Во септември ја  добивте  наградата за најдобра епизодна улога на фестивалот „Гола Месечина“,  за улогата во претставата „Каде е пиштолот.“ Што за Вас тоа значи во овој период од кариерата?  Од друга страна,  на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица Меѓународното жири на Народниот театар Охрид му ја доделиу наградата НЕТА за актерска инвентивност и посветеност во остварувањето на режисерскиот концепт за претставата „Стаклена менажерија“. Какво е чувството кога посветената работа и успехот ќе се закити со признание?

Стрезо Стаматоски: Јас не сум голем фан на наградите, особено во уметноста. Конкретно, не сум љубител на индивидуалните награди затоа што театарот е тимска уметност, секој има своја улога, од најмал до најголем „запчаник“. Токму затоа, таа награда за епизодна улога ја посветив на сите колеги кои се инволвирани во самата претстава. Можам да кажам дека наградата која ја освоивме во Струмица ми е многу подрага бидејќи се работи за тимска награда. Ако нешто треба да се промени во системот на наградување, мислам дека наградите секогаш треба да бидат тимски, тоа е вистинскиот двигател и „ветер во грб“ кој би му се дал на некој театар. Индивидуите во театарот се премногу суетни суштества, не би сакал да бидам дел од таа категорија. Но, секако дека сум благодарен на жири-комисијата која ми ја додели наградата за епизодна улога, наградата и за мене е „ветер во грб.“

Play radio: Глумите во повеќе претстави, едни носат смеење до солзи, други го соголуваат човекот до неговата суштина и апсурдност, од комедии до интензивни трилери………ајде да кажеме од шоуто „Two mothers brothers“ до „Аналфабет“ и „Метод.“ Колку е лесно или тешко да  „патувате“ емотивно од таа до таа точка? Кои улоги Ви се подраги, тие емотивни и тешки или комичните?

Стрезо Стаматоски: Можеби звучи како клише, но навистина секоја претстава ми е подеднакво драга, како актер, предизвик ми е да бидам присутен во сите жанрови. Се’ уште сметам дека е полесно човек да го расплачеш, отколку да го насмееш. За жал во денешницата малку ни треба за да пуштиме солзи. Од друга страна, многу поглем тригер е потребен за да се насмееме. Инаку „Two mothers brothers“ e партиципативно кабаре со отворен четврти sид, односно комуницираме со публиката. Каква е комуникацијата со публиката, таква е и енергијата на самото кабаре. Таму се работи за една сурова сатира скриена позади комедијата која ја претставуваме заедно со мојот колега Никола. Сатирата доаѓа од емоционалната потиштеност, а ние сме комплетни автори на текстот. Професорите по актерска игра порано знаеа да кажат „Никогаш публиката не може да знае што има во главата на актерот во моментот кога публиката го гледа.“ Тоа е навистина така, без разлика дали изведува некоја најкомична сцена или некоја најтрагична сцена. Кога станува збор за „трагична сцена“ ние ја имаме „Стаклена менажерија“ која е навистина силна драма и многу ја погодува публиката. Тоа е нашиот занает, да го користиме т.н емоционално помнење за да ја преживееме истата таа емоција која ни се случила во животот, само со мозокот треба да ја повикаме и така почнуваме да се чувствтваме во потребниот момент. Најважно е кога се смеам или плачам, да ја убедам публиката дека тоа е вистина, дека тоа е моето моментално чувство. Само ако актерот успее да ја убеди публиката има конекција со неа, се друго, не е доволно добро, на маргините е, лага е и не припаѓа во театар.

Play radio: Имате ли улога која Ви е се’ уште неостварена желба? Некој „хај лајт“ во кариерата?

Стрезо Стаматоски: Немам таква улога, но можам да кажам дека сум фан на епизодните улоги. Никогаш не сум бил фан на „Хамлет“ или „Отело“, но затоа сум фан на „Јаго“ , на прекрасната сцена со мајсторите во „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, а не сум фан на „Оберо“. Епизодните улоги ги играм со многу големо задоволство. Немам неостварена улога бидејќи во се влегувам многу наивно и улогата ја правам и прилагодувам максимално во рамките на моите можности. Секогаш ги туркам границите, за следното мое остварување да биде подобро од претходното.

Play radio: Долго време сте дел од Народен театар Охрид, тука ли сакате да останете? Сигурни ли сте дека Охрид е Вашиот град кога станува збор за театарско тло?

Стрезо Стаматоски: Ова ми е тешко прашање, но ќе се обидам да бидам најискрен што можам. Охридскиот театар е млад театар, официјално постоиме осум години, за еден театар, толку години се „ништо“. Допрва влегуваме во театарските води каде се случуваат различни флуктации внатре во самиот Ансамбл, некои се’ уште се прашуваат дали местото им е тука или не. Јас знам дека местото ми е во тој театар и секогаш ќе биде така. Јас не го наследив театарот, туку бев еден од иницијаторите за оформување на театарот, едно парче од тој театар секогаш ќе биде мое. Сум работел со години, за да го имаме тоа што го имаме денес, ниту навидум не е тоа што сметавме дека треба да биде за овие поминати години. Меѓутоа, ентузијазмот на актерите може да го доведе на повисок степен. Инаку, не се гледам само во Охрид, но секогаш би се враќал во Охрид и каде и да одам ќе ми фали Охрид и охридската публика, затоа што таму сум почнал. Јас студирав во Софија и таму имав неколку понуди за работа и сум работел таму, но тогаш во Охрид немавме професионален театар. Иницијативата за професионален театар во Охрид ја започнавме една шака луѓе.

Play radio: Сега излезете и од охридскиот и од театарот во Софија. Сте се фатиле ли себе си некогаш дека актерските способности незлонамерно ги користите и во некои животни ситуации или не се случила таква ситуација?

Стрезо Стаматоски: Дефинитивно да, со сигурност! Од првиот момент на кршење на мразот со луѓето. Знаете, луѓето немаат храброст да го скршат мразот кога станува збор за новите познанства без разлика во која сфера од живеењето.Луѓето за жал секогаш тргнуваат со некоја бариера. Актераските способности ги користам да им покажам на луѓето дека наспроти нив нема чудовиште туку човек со сите негови маани , грешки и доблести. Сум бил и на лидерски позиции и сум барал да добијам идеи од моите колеги, па не ми ги кажувале бидејќи сметале дека се премногу глупави. Ако сакаш да добиеш добра идеја кога си лидер, кажи ја најглупавата твоја идеја, бидејќи во тој момент, оној кој навистина има идеја ќе си рече „ако на овој му е толку глупава идејата, мојата е супер.“ Се користат такви мали „интриги“. Секако, сите глумиме и кога ќе не сопре некој полицаец во кола. Актерските способности не ги користам дома, со мојата сопруга и со моето дете. Дома сакам да бидам интимен и затворен. Целиот мој живот надвор се темели на отвореност, дома сакам да се затворам.

Play radio:  Пред публиката во сабота ќе претставите нов проект што се вика „Евтини секс приказни“. За што поконкретно станува збор?

Стрезо Стаматоски: Надвор од театарот, сакавме да направиме  нешто „подземно“ во сценската уметност. Тоа започна да го работи Никола Тодороско со стенд-ап, а потоа следуваше кабараето, па „Импровокација“ како многу партиципативна форма на театар и се тоа до денеска живее. Во моментов сакавме да најдеме и да поврземе нешто што било најмногу интригантно за публиката особено на Балканот-тоа е сексот односно таа „табу тема“ за сексот. Направивме едно шоу кое го крстивме „Евтини секс приказни“ . Ние двајца во тоа шоу сме интерпретатори и истражувачи на таа тема. Имаме многу приказни од луѓе за нивните сексуални авантури и фантазии. Истите ги ставаме на хартија, ги читаме и коментираме.  Има и еден просветителски момент за една млада публика во целата таа приказна, но целта е да поминеме едно добро време и да се смееме. „Евтини секс приказни“ ќе раскажеме во сабота во Jazz In во Охрид со почеток од 21:00 часот.

Извор: Play radio

Strugaonline

 

 

 

 

Facebook Коментари