Струга на 7 јули ќе ги пречека членовите на „Македонски бисери“ од Волонгонг, Австралија
Струга ќе биде една од станиците на големата турнеја низ Македонија на членовите на МКУД „Македонски бисери“ од Волонгонг, Австралија, кои денес пристигнаа во земјава преку аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Фолклористите од Австралија, заедно со членовите на Управниот одбор и родителите, беа свечено пречекани од претставници на Агенцијата за иселеништво со традиционална погача, а за топлото добредојде се погрижија и играорките од МКУД „Илинден“ од Струга, кои со македонски ора и песна ја збогатија атмосферата на пречекот.
Турнејата на „Македонски бисери“ низ Македонија ќе започне на 29 јуни со настап во рамки на манифестацијата „Скопско лето“ во Скопје, а љубителите на фолклорот во Струга ќе имаат можност да ги проследат на 7 јули 2026 година со почеток во 20 часот.
Домаќин на настапот во Струга ќе биде МКУД „Илинден“, кое ќе ги пречека гостите од Австралија и ќе биде дел од вечерта посветена на македонската традиција, култура и фолклорно наследство.
Турнејата се реализира во организација на Агенцијата за иселеништво, со цел зајакнување на врските меѓу македонската дијаспора и татковината, како и промоција на македонската култура меѓу младите генерации родени надвор од земјата.
StrugaOnline

