Лев банер Десен банер

Струга во туристичка сезона-атрактивна дестинација или дискриминирано гратче?

Одржување на јавните зелени површини, чистење на централното градско подрачје, регулирање на сообраќајната сигнализација и контроли од страна на општинските инспектори чија надлежност е урбаната опрема се дел од мерките со кои Општина Струга ќе привлекува туристи оваа сезона.

Раководителот на одделението за туризам, Арменд Пушкуле, вели дека според нивната статистика, бројот на туристи во Струга последниве пет години постојано расте, освен периодот на короната, а оптимист е и за оваа туристичка сезона.

-Очекуваме во 2024 година бројот на туристи и остварени ноќевања да се зголеми. Очекувањето произлегува од фактот дека угостителските субјекти за сместување велат дека имаат повеќе резервации во текот на овие три летни месеци, а во  Струга веќе  се забележува поголем број и на домашни туристи, особено за време на викендите и празниците-изјави Пушкуле.

Тој потенцира дека веќе се организирани работните групи за спроведување на заклучоците од состанокот на Штабот за превенција (Кризен штаб) меѓу кои се решавањето на проблемот со питачењето во градот, отстранување на кучиња скитници, 24 часовно снабдување со вода за пиење и слично. Истовремено, се подготвува и новата стратегија за туризам, а се развива и соработката со Поградец и Охрид.

-Во 2023 година заврши петгодишната стратегија за развој на туризмот, а сега сме во фаза на изготвување на документација и податоци за следна стратегија за туризмот во нашата општина. Сакаме да истакнеме дека во таа насока помош имаме и од одделението за прекугранична сорабтка и проекти, во смисла на регионално поврзување и со Подградец и со Охрид како дел од Регионот на Охридското Езеро како една туристичка дестинација, а како рамноправен дел од ова дестинација би требало да биде и Струга.-објасни Пушкуле

Тој додаде дека во одделението за туризам речиси секој ден има нови барања за категоризација на физичките лица даватели на услуги за сместување, а надлежната комисија излегува на терен за да се заврши услугата во што пократок рок. Според барањата кои пристигнале, се развива и селскиoт туризам, a Општина Струга, градот го промовира на значајни саеми за туризам.

-Можеме да истакнеме дека имаме барања за категоризација и од селски средини, што укажува дека субјектите се заинтересирани да развиваат и селски туризам. Веќе неколку години постојано сме присутни на туристички саеми надвор од нашата држава. Во одредени случаи општината директно учествува на саемите, а во други случаи тоа се прави од страна на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот, кај поголемите саеми. Промоцијата како активност е скапа, но не ја изостануваме, и се обидуваме на различни начини да допреме до потенцијалните туристи-вели раководителот на одделението за туризам.

Анализирајќи ги предностите на Струга како туристичка дестинација, Пушкуле ги истакна природните убавини, поволната географска положба, културните и историските локалитети, традиционалната храна, атрактивноста на реката Црн Дрим и поволните цени за сместување.

-Речиси секоја година се гради по еден хотел, со што се зголемуваат и капацитетите за сместување, оние постојните се доопремуваат и се обновуваат и унапредуваат. Истото се случува и кај приватните станоиздаватели, капацитетите се зголемуваат и се усовршуваат, согласно новите потреби и барања/стандарди од туристите. Наша најголема предност е блискоста на плажите за туристите, затоа што најголемите плажи се педесеттина метри оддалечени од куќите, апартманите и хотелите, а останатите објекти се само 100-200 метри оддалечени, што значи дека секој може да стигне до на плажа за 5 минути пешачење.-истакна Пушкуле.

Што се однесува до недостатоците, според него, еден од проблемите е сериозниот недостиг на човечки кадар, особено во угостителските објекти, затоа што многу млади лица се решаваат да услужуваат во земјите од ЕУ, а како што вели, потребна е и поголема промоција на градот oд страна на централната власт.

-Недостаток во смисла на привлекување туристи во Струга е недоволната промоција и од страна на централната власт, до некаде и дискриминација во однос на Струга како дестинација, потоа недоволни инвестициски проекти кои се скапи, а само државата може да ги реализира, нема доволна финансиска помош за правните лица (хотелски капацитети)- подвлече Пушкуле.

Тој смета дека новото Министерство за култура и туризам треба сериозно да го слушне гласот на општините во сферата на туризмот и угостителството и заедно да изнајдат решенија кои ќе помогнат во развојот на туризмот.

Strugaonline

 

error: