Стружанецот Златко Прентоски ја произведува првата македонска јаболкова ракија со бандерола

- Локални
1204

Златко Прентоски од Струга е производител на ракија и ја создаде малата семејна дестилерија ,,Никан“.

Позната е како првата македонска јаболкова ракија со бандерола. Истата ја произведува од сопствени овошни насади кои се наоѓаат во плодното струшко поле, односно во атарот на село Мислешево. Ракија прави веќе дваесет години за себе и за своите блиски, а пред некоја година се создале услови за производството да прерасне во семеен бизнис кој го негува со многу љубов и посветеност.

Вештината во печење ракија во семејството Прентоски се пренесува од колено на колено.

,, Како семејство, овоштарска традиција имаме преку осум децении, имаме казан кој е стар еден век, така што старата традиција како сама да ми ги даде насоките. Инспирацијата за името на дестилеријата ,,Никан“ ја добив од имињата на своите деца Никола и Ана. Првиот производ од ,,Никан“ е јаболкова ракија, а наскоро ќе произведувам и сливова ракија.“– вели Прентоски.

Станува збор за двојно дестилирана ракија, а квалитетот е негов најголем приоритет.

,,При создавањето на јаболковата ракија, многу е важно овошјето да биде зрело и здраво, посебно внимавам на зрелоста и  на квалитетот на овошјето за да добијам производ од кој ќе бидат задоволни сите љубители на добрата капка.“- потенцира Прентоски.

Реакциите на луѓето што ја вкусиле оваа ракија се многу позитивни и тоа му претставува дополнителен мотив за производство.

Ракијата ,,Никан“ може да се најде во ,,Миса“ маркети и дисконт ,,Дади“.

Strugaonline

 

Facebook Коментари