Вчера во Струга се одржа протест преку кој граѓаните го изразија своето незадоволство од палењето на депонијата кое се случи за време на велигденските празници. Откако Струга беше обвиена во облаци од чад Стружани пред општинската зграда побараа чист воздух испраќајчи јасна порака дека треба да се најде трајно решение. Од страна на граѓанската иницијатива, формирана поради овој проблем, беше истакнато дека согласно Членот 43 од Уставот на РМ, секој има право на здрава животна средина.„За жал во последниве неколку денови, жителите на општина Струга не можат да го уживаат ова уставно загарантирано право. Со други зборови, тешко беше да се биде жител на Струга, последниве неколку денови. Се работи за радската депонија во која што градот Струга го собира сметот. Ваквата депонија не ги исполнува ниту основните услови за да може да се нарече депонија“ – изјави Григорије Чатоски активист на граѓанската иницијатива од Струга.
Ова не е прв пат да се пали депонијата, но се чини палењето за време на празничниот викенд ја прели чашата.
„Денеска ние ќе доставиме предлог до претседателот на Советот на општината, каде го повикуваме по своја иницијатива да свика вонредна седница на советот на општина Струга за ваквата состојба. На неа ќе се разгледуваат точки за моменталната состојба со депонијата, како и решавање на овој горлив проблем. Ние имаме наведено конкретни точки за кои сметаме дека е корисно да се разговара. Исти таков поднесок е поднесен и до Министерот за животна средина“ – додаде Чатоски.
Во барањата се вбројуваат и дислокација на депонијата, разгледување на проектот за изградба на регионална депонија како и воспоставување на временска рамка за спроведување на ваквиот проект.
Извор: Strugaonline Фото: Strugaonline
Facebook Коментари