СВР Охрид со кампања „Безбедно на педалинки“ и апел за поголема безбедност
Со почетокот на летната туристичка сезона, Одделението за превенција при СВР Охрид ја започна превентивната кампања „Безбедно на педалинки“, чија цел е да се зголеми безбедноста на граѓаните и туристите кои користат педалинки за рекреација на Охридското Езеро.
Во рамки на кампањата, полициски службеници од Одделението за превенција остваруваат директна комуникација со лицата кои на плажите долж охридското крајбрежје издаваат педалинки, при што ги потсетуваат на нивната обврска за одговорно работење и почитување на безбедносните стандарди.
Од СВР Охрид укажуваат дека пред секое издавање на педалинка потребно е да се изврши проверка на нејзината техничка исправност, како и да се обезбеди соодветна безбедносна опрема. Секој корисник треба да добие исправен спасувачки елек со соодветна големина, а задолжително е да бидат обезбедени и спасувачки елеци за деца, како и јаже или друга неопходна опрема за итни ситуации.
Дополнително, од лицата кои ги издаваат педалинките се бара постојано да го следат нивното движење на езерото и, доколку забележат опасност или ризична ситуација, навремено да реагираат и да ги известат надлежните служби.
Воедно, издавачите имаат обврска пред секое изнајмување да ги информираат корисниците за основните правила за безбедно користење на педалинките. Тоа подразбира задолжително носење спасувачки елек, забрана за скокање или туркање од педалинките, забрана за управување под дејство на алкохол и психотропни супстанции, како и почитување на означените зони за пловидба.
Од СВР Охрид апелираат до сите посетители и даватели на туристички услуги за одговорно однесување, со цел летната сезона да помине без несакани последици и безбедноста на Охридското Езеро да биде на највисоко ниво.
Извор: СВР Охрид, фото: архива
StrugaOnline

