Тимовите на Црвен крст во Струга и Охрид со низа активности за празникот Богојавление Водици

- Локални
727

Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици тимовите на Црвен крст во Струга и Охрид се вклучени со низа активности. Од струшкиот Црвен крст за Strugaonline најавија дека волонтерите и обучените спасувачи на вода ќе бидат присутни на двете страни од кејот на реката Црн Дрим.  Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.
На 18.01.2020 г. (сабота) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.

„Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 6 oC.“ – велат од Црвен крст Охрид.

Традиционалната крводарителска акција „Водици 2020“ под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СẺ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2020 (недела) од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2020 (недела), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
На денот на рибарите на 20.01.2020 (понеделник), тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.

Strugaonline

Facebook Коментари