Традицијата продолжува: Во Струга одржан велигденски натпревар со јајца во духот на заедништво
Во весела и празнична атмосфера, во Струга успешно се одржа традиционалниот велигденски натпревар со јајца, со што уште еднаш се потврди дека негувањето на обичаите останува важен дел од локалната култура.
Настанот беше организиран од Активот на жени пензионерки при ЗП Струга, а се реализираше на 16 април 2026 година, првиот четврток по Велигден, односно еден ден пред Источен Петок – Балаклија, во салата на Клубот на пензионери.
Околу 50 пензионерки активно учествуваа во манифестацијата, при што преку традиционалното „кршење“ на велигденски јајца, присутните имаа можност да се дружат и да го изберат најцврстото, односно најакото јајце. Победникот оваа година беше награден со пригодни велигденски подароци, обезбедени од организаторите.
На настанот, покрај струшките пензионерки, како гости учество зедоа и волонтерите од Црвен крст на Република Македонија – Општинска организација Струга, кои со своето присуство дадоа дополнителна вредност и поддршка на настанот.
Манифестацијата уште еднаш покажа дека традицијата, заедништвото и празничниот дух успешно се пренесуваат од генерација на генерација, зближувајќи ја локалната заедница.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

