Утре во Струга ќе биде отворена изложбата „Поглед кон недоглед“ од уметникот Марјан Стојаноски

- Локални
300
Утре во 12:30 часот во Фоајето на Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во Струга ќе биде отворена изложбата „Поглед кон недоглед“ од уметникот Марјан Стојаноски.
Авторот Марјан Стојаноски, во најновиот проект „Поглед кон недоглед“ ги дава на увид најновите остварувања, каде неговиот творечки интерес во континуитет се движи меѓу две литерарно-уметнички теми на инспирација – актуелизирањето на Mythos во современата уметност како желба на модерната епоха да ја има во своите карактеристики, и пројавувањето на Logos-от во креативните интерпретации (т.е. желбите на постмодерната епоха).
Па оттука, претходниот опус „Феникс“, неизбежно се влева и во поновиот циклус „Поглед кон недоглед “ при што е внесен и онтолошкиот, и историскиот момент при градењето на најновиот циклус. Наративните модели на митското раскажување со филозофската мисловна логика преку процеси на деконструкција и реконструкција, се доведени во врска, природно спакувана во поетиката на авторот, кој неретко создава синестезички односи меѓу визуелните впечатоци на различните материјали во просторот. како нова слика од неочекувани ревизии и оригинални уметникови конструкти, кои секако имаат свое незаменливо место во широката зафатнина од уметничкото светско наследство; а парафразата од Ф.Јансен, дека – постмодерната е „поле на сили“ кои делуваат во различни правци -, во продолжение нека не* води кон откривањето на богатите референци на изложеното пред нас.
Мешовитите дела од овие билатерални циклуси отвораат нови појдовни хоризонти, кои заради поголема прегледност и заради нивната естетско- семантичка експресија на изразот што го носат, би ги поделиле во три скулптурни збирови.
Марјан Стојаноски е роден во Прилеп 1983 година. Средно образование завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски” во Скопје. После завршување на средно образование, се запишува на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди, каде што под неговото менторство го завршува факултетот. Член е на друштвотона ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул” од друштвото на ликовни уметници од Прилеп. Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни.  Живее во Прилеп, каде што и работи во Центарот за Култура „Марко Цепенков” ликовна дејност.
Strugaonline

Facebook Коментари