Лев банер Десен банер

Утре започнува 10-то јубилејно издание на Дрим Шорт Филмскиот Фестивал во Струга

Од 5 до 9 август 2026 година, Паркот на поезијата во Струга ќе биде домаќин на јубилејното десетто издание на Дрим Шорт Филмскиот Фестивал (DSFF), кое и оваа година ќе донесе богата филмска и културна програма, обединувајќи автори, филмски професионалци и љубители на седмата уметност од земјата и странство.

Под мотото „Капка по капка – езеро“, фестивалот ќе понуди инспиративна програма што ја слави уметноста како простор на отпор, надеж и убавина, отворајќи важни општествени и културни теми преку јазикот на краткиот филм.

Во рамки на годинашното издание ќе бидат прикажани филмови во пет натпреварувачки категории, а посетителите ќе имаат можност да проследат и Вечер на холандски филм, реализирана во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје и фестивалот Go Short.

Посебно место во програмата има и селекцијата на еколошки филмови, организирана во партнерство со „Еко Свест“, како и VR селекција на холандски филмови, која на публиката ќе ѝ овозможи уникатно филмско доживување преку виртуелната реалност.

Фестивалот ќе понуди и богата едукативна програма. Планиран е разговор со еден од најистакнатите македонски актери Никола Ристановски, како и мастеркласови со Масимилијано Нардули и Пјер Хоџсон, наменети за филмски автори, студенти и сите заинтересирани за филмската уметност.

Покрај филмските проекции, посетителите ќе можат да уживаат и во музичката OFF програма, на која ќе настапат Дина Јашари, Антартик и Херцел, дополнително збогатувајќи ја фестивалската атмосфера.

Свеченото отворање на јубилејното издание на Дрим Шорт Филмскиот Фестивал ќе се одржи на 5 август во 19:30 часот во Паркот на поезијата во Струга.

Организаторите ги покануваат сите љубители на филмот и културата да бидат дел од петдневната фестивалска програма, која и оваа година ќе ја претвори Струга во центар на краткиот филм и современата уметност.

Целосната програма со локациите и термините на проекциите и придружните настани е достапна на официјалната веб-страница на фестивалот.

StrugaOnline

error: