Утревечер во Струга авторката Дијана Петрова го промовира романот „ИЗЛЕГУВАЊЕТО ОД СЕНКА Тајното женско училиште“

- Локални
351

Утревечер во Спомен домот на Браќата Миладиновци во Струга ќе се одржи промоција на романот „ИЗЛЕГУВАЊЕТО ОД СЕНКА Тајното женско училиште“ од авторката Дијана Петрова. Почетокот е закажан за 19:30 часот.

-Кој во 21 век, би можел да се обрати за 19 век, а тоа да биде како да си таму, како да си нем слушател, гледач на една историја, а да го направи подобро од жена!?
Жена лично: Митра Миладинова. А таа не раскажува историја, туку пишува и прикажува, со свој глас: во исто време и нежно и моќно; како со некое перо остро како нож. Како со скришно мастило на 19 век, кое некако 21-от го направи видливо. И пишува и пее: писма, песни, кои ни го покажаа Димитар Миладинов соголен до својата човечност – вештина својствена на женското писмо. Митра ни укажува за возможноста на суптилното постоење на едно тајно женско училиште, кое описменувањето на жените го издигнува до ниво на смисла и борба до последен здив. Тие жени и најдобро знаат да ги испеат песните, кои ги читаме во Зборникот на Миладиновци.
Романот на Дијана Петрова „Излегувањето од сенка (тајното женско училиште)“ доаѓа како мелем за сите оние нешта што останале премолчени или недокажани, а се врзани околу дејноста на браќата Миладиновци.-стои во најавата за промоцијата.

-Струшката промоција токму во домот на Миладиновци е начин да се покаже дека тоа е препознаено, како и да прати порака до сите намерници кои Миладиновци ги упатило кон Струга и Македонија, да ја прочитаат и оваа книга.-потенцира Петрова.

Дијана Петрова е родена 8.4.1992 во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословени книжевности. Досега ги објавила романот „Бдеењето над себе“ и збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“. „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е нејзина трета објавена книга.

Strugaonline

Facebook Коментари