Во празнична атмосфера и вонредни услови, се одржа Струшката Литија 2020

- Локални
2907

Во свечена и празнична атмосфера денеска во Струга се одржа Tрадиционалната древна струшка Еордија – литијата со Чудотворната икона на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, збогатена и со неговите чесни мошти од неговиот Манастир во Рајчица, како и Чудотворната икона на Пресвета Богородица – Крнинска и на Христос Архиереј од Манастирот Пречиста Кичевска.

Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат Литијата беше составена само од дел од локалното свештенство и монаштво. Локалното население имаше можност Литијата да ја следи од по тротоарите на улиците каде што таа минуваше.

Со почеток во 16 часот, во струшкиот храм на Свети Георгиј Победоносец, од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и на дел од локалното свештенство, беше отслужена и традиционалната ктиторска Вечерна со панихида за покојните ктитори и градители.Со цел на верниците да им се овозможи да земат молитвено учество во оваа Вечерна, храмот беше озвучен и богослужбата се слушаше однадвор. За време на службата моштите на Свети Георгиј беа поставени во тремот на храмот, каде што има две влезни и излезни врати, тоа беше можност за верниците  кои сакаа да му се поклонат на овој голем Христов угодник.

По завршетокот на Вечерната, околу 17:00 часот, започна Литијата која во Струга е традиција. 7-ми мај е датум кој стружани со нетрпение го очекуваат и атмосферата е величенствена.

Струшката Еордија спаѓа во категоријата „Значајно културно наследство“, заштитено со државен закон и преку здружението „Рајчица“ таа е помагана од Министерството за култура.

Strugaonline

Facebook Коментари