Во свечена и празнична атмосфера се одржа годинешната Струшка Ѓурговденска Литија

- Локални
2376

Торжествената струшка литија (Еордија) со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона, и оваа година беше збогатена со благословот на Сепречистата Владичица наша Богородица, преку нејзината чудотворна икона Крнинска, од Манастирот Пречиста Кичевска, носена од четворица кичевчани.

Традиционално, и овој пат, во храмот на Великомаченикот во Струга со почеток во 16:00 часот беше отслужена ктиторската вечерна богослужба, после што следуваше молитвената Литија, која веќе прерасна во големо сенародно собитие.

На Литијата и претходеше церемонијално полициско возило, кое на својствен начин  го одбележа чествувањето на Св. Вмч. Георгиј како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука да го чуваат мирот и безбедноста на сите граѓани во нашата држава. Помеѓу возилото и Литијата,  дефилираше коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска Империја. Коњаникот, кој во раката држеше палмова гранка како символ на мирот, имаше улога на посебен редар и најавувач на процесијата.

На чело на самата Литија беше член од Бигорското братство, кој го биеше клепалото, потоа учествуваа и носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните икони на Св. Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, и најпосле, најголемата светиња – моштите на Светиот во раскошно украсениот епитаф.

Моштите на Светиот Победоносец Георгиј беа носени од двајца видни струшки граѓани и уште двајца од други места. Моштите беа придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Св. Јован Крстител. Зад сердарите одеше сејменската гарда, чии членови исто така беа облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Св. Георгиј Победоносец.

По завршетокот на свечената литија, во дворот на црквата „Св. Вмч. Георгиј“, со своја културно-уметничка програма  настапи Ансамблот „Македонија“ – овој голем чувар на македонската народна музика и фолклор. Исто така, членовите на Ансамблот за прв пат ги промовираа старите струшки градски носии.

Струшката Ѓурѓовденска Литија се одржа по десетти пат, а традицијата ќе се негува и во годините што следуваат.

Извор и фото: StrugaOnline

Facebook Коментари