Членовите на Владата кои беа присутни на кризниот штаб во Куманово одат во самоизолација, Владата продолжува да функционира непречено

На состанокот во Куманово сите функционери во Владата ги почитуваа протоколите за заштита и носеа заштитна опрема.
Во овој момент се прават епидемиолошки проценки во Куманово од страна на локалниот Центар за јавно здравје и се анализираат контактите на градоначалникот Димитриевски. Во текот на денот ќе се утврди колку и кои лица ќе треба да останат во 14-дневна изолација. Во Скопје започнаа анкетите од Институтот за јавно здравје со сите членови во Владата кои беа присутни на состанокот, по што ќе биде дадена епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување.
„Владата на Република Северна Македонија беше подготвена за сите сценарија, вклучително и за ваква ситуација. Работата на Владата продолжува да се одвива непречено преку дигиталните алатки за комуникација и за одржување состаноци. И во услови на изолација продолжува редовната комуникација и координацијата на сите процеси во државата и управувањето со кризата со коронавирусот.“ – стои во Владиното соопштение.

