
Првиот петок по Велигден се вика Источен Петок Балаклија. Тој спаѓа во Светлата недела поради што некои го викаат и Светол Петок, а поради тоа што во светлата недела се блажи, може да се сретне и како Благ Петок. Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име. Во некои места празникот е познат под името Богородица Балаклија. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори.
Меѓу чудата на Пресвета Богородица има неколку што се поврзани со изворот во близина на Цариград. Во едно од овие чуда се вели дека еден војник по Име Лев еднаш минувал низ еден орман во близината на Цариград. Тамо нашол еден слеп човек којшто од жешкото сонце веќе бил премален од жед. Милозливиот Лев сакал да му помогне и го повел низ орманот со цел да најде вода и да го напои. Но бидејќи по подолго одење вода не нашле слепиот веќе не можел да стои на нозете. Лев го оставил и продолжил да бара вода. И кога веќе изгубил надеж го слушнал гласот на Пресвета Богородица: „Не се грижај Леве. Тува близу има вода при тебе. И напој тогова слепца, а после му омиј и очите, да познаеш сила моја. И ти да знаеш зашто има да бидеш цар. И тогаја да не заборавиш, тува да ми направиш црква, да седам у неја и да идат на таја церква кој сакаја помошт и да находат здравие на снагата и спасение на душата.“ Лев набргу нашол чешма, се напил од водата потоа го напоил и слепиот и му ги измил очите како што му рекла Пресвета Богородица. Слепиот веднаш прогледал. Лев навистина станал цар и направил црква на местото каде што прогледал слепиот и тој извор го нарекол Животодавен источник. Во тој извор имало риби и тука се случиле многу чуда и не само христијани туку и многу неверници добиле исцеление.
Facebook Коментари