
Вакцинацијата ќе се врши во постоечките вакцинални пунктови низ земјата. Вакцината на кинескиот производител Синофарм ќе стигне преку воздушен пат, а системот е подготвен да ги преземе вакцините од аеродром, складира и соодветно дистрибуира до вакциналните пунктови. Вакцината Синофарм се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени што го олеснува начинот на транспорт, чување и дистрибуција. Оваа вакцина ќе биде во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината. За вакцината Синофарм, термините за вакцинација во ЈЗУ-а ќе бидат на 10 минути, по пациент.
„На дневно ниво, од вакцината на Синофарм и со работа на пунктовите во полн капацитет очекувам да вакцинираме од 2000 до 2500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими по 21 ден, што значи дека од првата пратка имаме две дози за вакцина и ревакцина за 100.000 лица. Записот за спроведена вакцинација станува дел и од електронското здравствено досие на пациентот. По примерот на сите земји, вакцинираните граѓани ќе добијат соодветен сертификат за примена вакцина, но деталите за сертификатот ќе бидат дефинирани во следните денови“, рече Филипче.
Со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, први ќе се вакцинираат здравствените работници поделени по категории.
„Согласно планот први се вакцинираат сите лица од група 1а односно – Здравствени работници кои директно работат со ковид пациенти од ковид центрите и од службите за итни состојби, од клиничките болници, јавни и приватни, од посебните институциите како домовите за стари лица, домови за лица со посебни потреби. Во првата група се и матични лекари и друг здравствен персонал вработен во матичните ординации. Вработени во лаборатории за тестирање и дијагностика, јавни и приватни. Здравствените работници, кои се на вакциналните пунктови, односно тимовите ќе ја спроведуваат вакцинацијата“, објасни министерот.
Со оглед на тоа што сега обезбедуваме поголема количина на вакцини, можност за вакцинација добиваат сите граѓани над 70 години и тие ќе можат да се вакцинираат по завршување на вакцинацијата на првата приоритетна група здравствени работници.
Закажувањето на вакцинацијата ќе оди преку системот Мој Термин, како и преку онлајн апликација. Матичните лекари ќе добијат список од Мој Термин во кој влегуваат сите пациенти над 70 години. Лекарот сите тие пациенти ќе ги контактира поединечно преку телефон, за да ги праша дали сакаат да се вакцинираат.
„Доколку лицето сака да се вакцинира, матичниот го регистрира пациентот во Мој Термин и забележува на кој вакцинален пункт сака да се вакцинира пациентот, пунктот пациентот го избира сам. Потоа, системот Мој Термин ги закажува точниот датум и време за сите регистрирани пациенти, а матичниот лекар повторно телефонски ги известува своите пациенти за закажаниот термин“, рече Филипче.
Онлајн апликацијата е во подготовка, преку неа ќе може да се пријавуваат сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат. Со ваквиот начин на пријавување се скратува првиот контакт со матичниот лекар, но терминот за вакцинација повторно е преку националниот електронски систем Мој Термин и матичниот лекар.
„Со оваа онлајн регистрација се скратува првиот контакт од матичниот лекар кој го прашува пациентот дали сака да се вакцинира, матичниот лекар директно од системот е известен за регистрацијата на пациентот. Потоа на матичниот лекар му останува само вториот чекор, односно да го извести пациентот за точен датум и време откако системот Мој Термин ќе го додели. Иако сите граѓани може веднаш да се регистрираат за вакцина, тие ќе бидат повикувани односно ќе им бидат доделувани термини согласно тоа на која целна група ѝ припаѓаат. По здравствените работници од приоритетната група, први ќе бидат вакцинирани сите регистрирани пациенти од групата над 70 години“, изјави Филипче.
Вакцината Синофарм, е класичен модел на вакцина, добиена на технологија на ослабнување (инактивирање) на целиот вирус, постапка која се користи со децении за добивање на класични вирусни вакцини. Може да се дава на сите граѓани без ограничување, бидејќи има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста. Покрај вакцината Синофарм, имунизација во нашата земја ќе се врши и со вакцините на производителите Фајзер и Астра Зенка, и за овие вакцини здравствениот систем е подготвен за прием и спроведување на вакцинација. Сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните. Сите производители на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а Фајзер дополнително е вакцина која е регистрирана и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови.
КОВИД-19 вакцинацијата ќе одигра клучна улога во намалување на штетните ефекти врз здравјето на популацијата и општеството воопшто, како и во јакнење на колективниот имунитет во услови на пандемија.
„Имунизацијата е најсилното оружје во борбата со вирусот. Меѓутоа, сакам да порачам дека и натаму треба да се почитуваат другите јавно здравствени мерки од страна на сите граѓани – носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена, кои заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од КОВИД-19 и сузбивање на пандемијата“, порача министерот Венко Филипче.
Facebook Коментари