Филипче: Поради тромботичен ефект по примена вакцина „Астра зенека“ хоспитализирана е 28-годишна девојка

- Македонија
519

28-годишна девојка од Македонија добила тромботична реакција на крвта откако пред шест или седум дена во Србија ја примила првата доза од вакцината против Ковид-19 на „Астра зенека“. Ова денеска во изјава за медиумите го потврди министерот за здравство Венко Филипче.

– Кај нас има еден случај на девојка која има 28 години и од вчера се наоѓа на болничко лекување со тромботичен ефект, се вакцинирала со „Астра зенека“ во Србија. Реакцијата се случила шест до седум дена по вакцинацијата, а таа немала претходни заболувања – истакна Филипче.

Министерот додаде дека ваквите случаи се ретки но треба да се внимава.

Според него, засега нема никакви препораки дека нешто превентивно треба да се направи ако некој ја примил едната доза на вакцината на „Астра зенека“.

– Сите што се вакцинирани ќе бидат ревакцинирани согласно препораките кои ги очекуваме во следниот период – додава Филипче.

Mинистерот потврди дека во Македонија нема да се почне со вакцинација со оваа вакцина на лица помлади од 60 години додека не се добијат сите анализи.

– Одлучивме да бидеме внимателни и да одиме полека, но сигурно. Ќе чекаме дефинитивна потврда од германското министерство за здравство дали вакцината е безбедна. Истовремено имаме состаноци со Агенцијата за лекови, а ќе се обратиме и до Европската агенција за лекови – додаде тој.

Facebook Коментари