Во периодот од 21-ви до 27-ми декември тестирани се вкупно 13.123 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е за 15,9 отсто помалку од претходната недела.
Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје регистрирани сe 3.372 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 26,5% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (1.429, односно 42,4%), со неделна инциденца – 231,4/100.000, додека процентот на позитивни од тестирани случаи изнесува 25,7%, намалување од 3,6% во однос на минатата недела.
Според ИЈЗ, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (910 или 27,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (665 или 19,7%), 40-49 (589 или 17,5%), 50-59 (587 или 17,7%) и 20-29 (414 или 12,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (52 или 1,5%) и 10-19 години (145 или 4,3%).
По добиени 2 негативни теста за присуство на САРС-КоВ-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.500 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, незачително помалку во споредба со минатата недела.
Пријавени се 129 смртни случаи од 23 града, 30 помалку или 18,9% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 105 лица биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години и 4 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години.
Facebook Коментари