Извештај на ИЈЗ: За 24,3% е намален бројот на нови случаи во однос на минатата недела

- Македонија
417

Во периодот од 12-ти до 18-ти април тестирани се вкупно 21.763 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намување од 20,4% во однос на минатата недела.

По 6 недели на континуирано зголемување, во текот на последните две недели се регистрира намалување на бројот на заболени лица. Според извештајот на на Институтот за јавно здравје регистрирани се  5.199 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 24,3% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 15,3 до 27,9%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.086; 40,1%), со неделна инциденца – 337,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 397,4/100.000 е регистрирана во Битола.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.722, 33,1%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=919; 17,7%), 40-49 (n=882; 17,0%), 30-39 (n=835; 16,1%) и 20-29 (n=506; 9,7%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=95; 1,8%) и 10-19 години (n=240; 4,6%). Се забележува намалување кај сите возрасни групи во споредба со минатата недела.

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 2.797 (53,8%) лица од женски и 2.402 (46,2%) од машки пол.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 5.921 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 3,1% во споредба со минатата недела.

Пријавени се 206 смртни случаи од 26 градови, 25,4% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 175 лицa биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години, по 5 лица од возрасните групи од 40-49 и 30-39 години и еден од 20-29 години.

Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ се изврши секвенционирање на 48 селектирани SARS CoV-2 позитивни примероци. Истите беа одбрани од периодот 01-31.03.2021.

Резултатите од секвенционирањето покажаа присуство на генотипот SARS-CoV-2 B.1.1.7/20I_501Y.V1 (Variant VOC_202012_01, UK variant) кај 98% од тестираните пациенти.

Дополнително, направено е скринирање за присуство на варијанти од посебно внимание на 200 пациенти кој детектира 5 варијанти. Доминантен сој застапен со 100% меѓу тестираните примероци е B.1.1.7 т.н британска варијанта.

Facebook Коментари