Стево Пендаровски: Предлагаме 30 дена кризна состојба на цела територија на земјата

- Македонија
522

Советот за безбедност и предложи на Владата да прогласи кризна состојба на територијата на цела држава во траење од 30 дена, соопшти денеска претседателот Стево Пендаровски.

,,Во моментов, ние имаме прогласено кризна состојба на северната и јужната граница во врска со илегалните преминувања на мигранти и бегалци и на тие подрачја полицијата и војската работат заедно. Сега таквата соработка, откако ќе биде декларирана кризна состојба на цела територија, ќе биде овозможена буквално на целата територија на земјата. Инаку и во моментов, знаете тоа го објавивме пред некој ден, армијата дава поддршка на полицијата и на здравствените институции, но, во лимитиран обем, потпирајќи се само врз правниот основ кој доаѓа од Законот за служба во армијата. Но, откако ќе биде прогласена кризната состојба, тогаш Законот за одбрана и Законот за управување со кризи, посебно, даваат многу пошироки можности за поддршка на надлежните институции, пред се здравствените, од страна на армијата.“-изјави претседателот.

Toj додаде дека втората битна разлика е во законската можност Владата да управува со ресурсите на органите на државната управа, на јавните претпријатија, на општините и на градот Скопје, но, тука вклучувајќи ги и трговските друштва, во овој случај приватните здравствени установи.

,,Овде сакам да појаснам, бидејќи имаше различни шпекулации на таа тема изминативе два дена, дека не станува збор за национализација на приватните болници, туку евентуално за управување со нив во битката против пандемијата, се разбира таму и во тој обем во кој Владата ќе процени дека е тоа неопходно. Инаку, знаете дека приватната сопственост е гарантирана со уставот и затоа тука не станува збор за национализација или некакво менување на сопственоста.

Да појаснам уште една работа – воведувањето на кризната состојба на целата територија нема никаква врска со т.н. полициски час и евентуално воведување на рестрикции во движењето на граѓаните. Тоа е во надлежност, прво на Комисијата за заразни болести, потоа на централниот кризен штаб и се разбира на крај, на Владата, ако така процени дека е неопходно.,,-појасни Пендаровски.

 

Facebook Коментари