Девет години без нашиот Тоше Проески….
Најголемата балканска музичка ѕвезда и голем хуманист, Тоше Проески, роден е на денешен ден пред 36 години. Загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа во Хрватска.
Тој една деценија не е меѓу нас, но и по толку години, многубројните фанови повторно организираат прослава за неговиот роденден.
Денот на раѓањето на Тоше, 25 јануари, ќе се одбележи со изложба на досега необјавени фотографии со неговиот лик од неговите концерти и патувања, кои ќе бидат изложени во Спомен-куќата во Крушево.
Посетителите на музејот за првпат ќе ја слушнат инструменталната верзија на песната „Никада”, а, традиционално, планирана е и крводарителска акција.
Не знам како се честита небесен роденден, само знам дека остануваш вечно млад. Ти, што предвреме порасна и рано одлета, ти што сета љубов на светот во срцето свое ја зеде зошто знаеше како подеднакво на сите да ни ја поделиш. Sвездени неба сакаше од овде заедно со нас да гледаш, денес цело небо твое е со триесет и шест sвезди сјајни наместо триесет и шест роденденски свеќи.
За сите македонски мајки остануваш младо момче, за сите девојки прва љубов, за сите луѓе што те знаат ти си молитва пред мирен сон. Во сеќавањата понекогаш знаеш да ни изнудиш и насмевка, твојот лик со очите коси блескави секогаш ќе ни биде во свежо сеќавање, не затоа што беше убав туку затоа што твојата душа го победува времето. Што е една деценија во споредба со цела вечност? Знаеш, понекогаш те наоѓаме во надежите, спиеш во вербата за чесен свет, се будиш кога те повикуваме во мислите. Ти си тој ветер во лето што го чекаме и сонце во зима што свети. Пораснаа сите дечиња на кои твојата хуманост им дари живот, и во нивните насмевки секогаш ќе живееш. Од секаде се слушаат твои песни, исто како некогаш.
,,Ти си тајна бескрајна, како срна скриена.
Ноќ ко море….бран што доаѓа”.
Низ твојата ,,Илузија” пловат сите наши соништа.
После девет години од твоето заминување се уште многу болиш.
Среќни триесет и шест небесни….те сакаме сите.
И. М.
Facebook Коментари