Народната банка ја известува јавноста дека утре, 15 мај 2018 година, влегуваат во оптек првите полимерни пари на Република Македонија, во апоенска вредност од 10 и 50 денари. Истовремено, утре се повлекуваат од оптек книжните пари во истата апоенска вредност, односно веќе нема да бидат законско средство за плаќање.
Народната банка уште еднаш ги потсетува граѓаните и правните лица дека доколку и од утре, 15 мај, поседуваат книжни пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари, имајќи предвид дека тие веќе нема да бидат законско средство за плаќање, нив ќе можат бесплатно да ги заменат за други пари или ковани пари во еквивалентен износ. Од 15 мај годинава до 15 мај 2019 година, ќе можат да ја извршат замената во деловните банки во Република Македонија. По 15 мај следната година, замената ќе може да се изврши исклучиво во Народната банка.
„Истовремено, потсетуваме и дека кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари и натаму ќе бидат во оптек, односно и натаму се законско средство за плаќање во Република Македонија, поради што за нив не треба да се врши замена за други пари во еквивалентен износ.“ -стои во соопштението на НБРМ.
Од утре започнува и периодот во којшто правните лица коишто ги одржуваат машините за обработка на пари и автоматите за наплата со готовина на територијата на Република Македонија ќе можат да ги приспособат софтверите за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари.
Влегувањето во оптек на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари на 15 мај годинава е значаен момент во работењето на Народната банка. Од утре, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на парите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии пари со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал.
Сите детали можете да ги прочитате на официјалната страна на НБРМ
Извор: НБРМ
фото: архива
Strugaonline
Facebook Коментари