Во склоп на обележувањето две децении на ЕГЗИТ фестивалот, „ЕГЗИТ ТВ“ во Новогодишната ноќ ни носи специјална повеќечасовна онлајн програма, во која ќе се најдат некои од најголемите имиња од богатата историја на Фестивалот, како што се „Д Кјур“, „Продиџи“, „Мигос“, Дејвид Гета, „Чеинсмоукерс“, Моби, „Феитлес“, „Моторхед“, Џејсон Деруло“, „Атомс фор Пис“, Лиам Галагер, Дејмон Албарн, „Хртс“, „Пет Шоп Бојс“, Најл Роџерс, Фивер Реј и многу, многу други. Еклектичниот микс на историските настапи од Главната бина под наслов „EXIT To 2021“ вечерва ќе ги обедини фановите ширум планетата во најдобрите желби за Новата година, од која сите очекуваме дека ќе биде неспоредливо подобра од претходната.
„Имајќи предвид дека претстојните новогодишни празници ќе бидат единствени по тоа што најголемиот дел од луѓето ќе ги поминат во своите домови во многу специфични околности, одлучивме да го направиме она што најдобро го знаеме – да им понудиме на сите ИЗЛЕЗ од моментната ситуација, да ги споделиме со нив некои од најзначајните моменти кои во изминатите 20 години заеднички ги доживувавме и на најдобар можен начин да се забавуваме за време на Новогодишната ноќ“ – изјави Маја Старчевиќ, програмскиот менаџер на главната бина на ЕГЗИТ Фестивал.
Од добро познатите адреси, на фејсбук и јутјуб страниците на ЕГЗИТ фестивалот, во Новогодишната ноќ пристигнуваат вистинските музички спектакли, сочинети од електро-денс, хип-хоп, реге и фанк ритми, жестоки рок гитари и поп романтика! За креирање на вистинска забава во услови кои, се надеваме, наскоро ќе бидат само минато, ќе бидат задолжени некои од најголемите ѕвезди на денешницата, чии настапи на ЕГЗИТ се прераскажуваат со години. На повикот за снимките од нивните настапи да бидат дел од оваа исклучителна Новогодишна ноќ, бргу се одзваа бројни изведувачи, наведувајќи дека се многу среќни што ќе бидат дел од овој проект.
Меѓу новогодишните хитмејкери се наоѓаат Дејвид Гета, Д Чеинсмоукерс, Лост Фриквенсис, Џејсон Деруло, Бастил и незаборавниот Најл Роџерс, додека љубителите на хип-хоп културата ќе можат да уживаат во хитовите и да се потсетат на незаборавните настапи на великаните меѓу кои се Мигос и Дезајнер. На воодушевување на љубителите на потврдиот звук, во онлајн-дочекот на 2021 година нема да изостанат ниту гитарите, бидејќи сите заедно ќе имаме прилика да се потсетиме како звучеа Кјур, Моторхед и Фил Анселмо, додека вистинска енергетска бомба ќе донесат Продиџи, Моби, Фејтлес и Даб Еф-Екс. Кон оваа ѕвездена екипа ќе се придружи и легендарниот Лиам Галагер кој по настапот на Егзит, на својот Твитер напиша дека Егзит фестивал е еден од најголемите фестивали на планетата!
Со своите одлични нумери, испраќањето на старата година ќе го комплетираат и Зиги марли, Дејмон Албарн, Фивер Реј, Д Ваксинс, Атомс фор пис, Пет Шоп Бојс и единствената Рошин Марфи, додека звуците на поп музиката ќе ги донесат едни од најкарактеристичните поп вокали на денешницата Том Одел, Раг ен Боун Мен и Џон Њуман, како и групата Хртс, чиј менаџмент, токму настапот на Главната бина на ЕГЗИТ фестивал во 2014 година го истакна како еден од најдобрите концерти било кога!
И тоа не е сѐ! Кон овие ударни имиња, во последен момент се приклучија уште и великаните Снуп Дог, Сајпрес Хил, Хардвел и Глориа Гејнор, кои со огромна радост прифатија да бидат дел од проектот.
Новогодишната програма ќе може да се следи на фејсбук страницата и јутјуб каналот на ЕГЗИТ Фестивал.
Големата прослава на 20-годишнината на ЕГЗИТ Фестивал ќе се одржи од 8 до 11 јули 2021 на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, а своите настапи веќе ги потврдија некои од најголемите светски и регионални имиња како што се Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Тајга, Ерик Приц, Фоур Тет, Пол Калкбренер, Нина Кравиц, Борис Брејча, Шек Вес, Соломун, Сепултура, Метрономи, Лајбах и многу други.
Facebook Коментари