Отворена изложба на слики од Дафина Шекуткоска
Овогодишното Вевчанско културно лето –ВЕВКУЛ, се одржува со мото „Празнуваме 680 години од споменувањето на Вевчани во пишувани историски документ (1342 – 2022 )“ и опфаќа десетина целини. Најпрво се одржаа три промоции на новоизлезени книги од вевчански автори како романот на Димче Парталоски „Велиново“ посветен на вевчанскиот случај со водата, потоа книгата песни „Татковиот аманет“ од Димче Шипинкаровски и збирката песни посветени на мајката „Цвет за цветот“ од Сашо Бетоски.

Прва од планираните три изложби е новоотвотрената изложба на слики од Дафина Шекуткоска, по потекло од Вевчани, а живее во Скопје. Уметницата по диплома е професор по физика, но по вокација е ликовен уметник, којшто до сега има приредено три изложби во Скопје, а на четвртава изложба отворена во Клубот на пензионери во Вевчани и во рамките на Вевчанското културно лето –ВЕВКУЛ 2022, се претставува со 17 големи платна од нејзиниот најнов творечки период.

Отварајќи ја изложбата поетот Сашо Бетоски нагласи дека симболизмот, односно модерниот ликовен израз на уметничката доаѓа до целосен израз, претставувајќи го нејзиниот внатрешен свет како отворено небо, поточно платно кое со исликувањето, всушност, ја добива својата смисла и постоење но и траење… А, потоа се обрати авторот Дафина Шекуткоска.
По отворањето на изложбата е договорено во соработка со ликовната уметничка Аница Китаноска, која заврши ликовна академија во Равена Италија, да реализираат Мурал во Вевчани, со универзална порака упатена против сите војни и страдања. За таа цел, веќе се вршат интензивните подготовки за почнување на идното заедничко дело…
Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ

