КУД „Дримкол“ Вевчани – 70 години организиран фолклор со кој пораснаа многу генерации

- Интервју, Локални
3557

За сите достигнувања и емоции кои КУД „Дримкол“ Вевчани ги носи во својата 70 годишна традиција, но и за јубилејните концерти кои на 7 мај се одржаа во Домот на културата во Вевчани зборувавме со Јасмина Бебекоска – административен канцелариски менаџер. Во овој разговор правиме ретроспектива на изминатите години исполнети со напорна работа но, пред се многу љубов кон филклорот и културата која истиот ја носи во себе. Многу генерации пораснаа со КУД „Дримкол“ и преку песна и игра ги научија најважните вредности, обележја и духовни богатства.

Strugaonline: На 7 мај одбележавте 70 години организиран фолклор во Вевчани, традиција која не е лесно да се зачува толку долго. За сите оние кои не беа во можност да ги проследат двата концерти кои се случија во Домот на културата во Вевчани по повод јубилејот, споделети ги со нас впечатоците како и програмата која беше реализирана.

Јасмина Бебекоска: Како што кажавте, во неделата КУД „Дримкол“ Вевчани со два целовечерни концерти во преполната сала на Домот на култура во Вевчани  одбележа значаен јубилеј, односно 70 години организиран фолклор во Вевчани. Програмата на концертот започна со проекција на документарен филм за долгогодишната фолклорна традиција во Вевчани кој преку фотографии и видео материјали, живи сведоштва на стари луѓе и изјави на сите досегашни раководители на фолклорните групи во Вевчани, предизвика силни емоции кај публиката. Филмот го изработи „Лента продукција“, а е во режија на  Лидија Мојсоска. На концертот беа презентирани  вокални и орски изведби од западна Македонија, Повардарието, од Пиринска и Егејска Македонија и обредни сценски адаптации од Вевчани.

Strugaonline: Ако погледнеме наназад знаеме дека многу генерации пораснаа со КУД „Дримкол“ Вевчани и го засакаа фолклорот. Колку членови броите моментално?  Споменавте дека Вие сте член во друштвото од 1998 година, сигурно сите генерации оставаат свој печат и придонесуваат за функционирањето на КУД „Дримкол“ – Вевчани.

Јасмина Бебекоска: КУД „Дримкол“ е институција од областа на културата која моментално брои околу 150 членови распоредени во неколку уметнички целини  и тоа: фолклорен ансамбал составен од Прв состав, детски групи и Ветерани, Пејачка група Каданка, изворниот оркестар и „Патувачкиот театар“,  „Поклони се и падни“. Во изминативе години „Дримкол“ се наметна како еден од најголемите амбасадори на вевчанската и македонската култура воопшто. Во документарниот филм  може да се забележи дека фолклорната традиција во Вевчани ја одбележиле неколку генерации  од 1947 година до денес и сите си оставиле свој белег во развојот на вевчанската култура.

Strugaonline: Како започна приказната преку која КУД „Дримкол“ Вевчани стана амбасадор во промоција на македонското духовно и културно  богатство?

Јасмина Бебекоска: Отсекогаш низ годините на постоење, фолклорниот ансамбал ја освојувал публиката со своите сценски настапи, со својата изворна Вевчанска носија, со својот дух и енергија на сцената, но значаен период за фолклорниот ансамбл „ДРИМКОЛ“ е периодот од 2000 година кога ова друштво започнува да посветува максимално внимание на истражувањето, негувањето и обработката на Вевчанскиот изворен фолклор. Од таквото богато истражување произлегоа кореографските обработки: „Вевчанска лазара“, „Ѓурѓовден“, „Вевчански василичари“, „Вевчански свадбени обичаи“. Токму овие кореографски обработки го закитија друштвото со три златни плакети, една сребрена и една бронзена и го дефинираа како друштво со посебни карактеристики. Но, покрај изворниот фолклор, на репертоарот на фолклорниот ансамбл се наоѓаат и стилизирани кореографски обработки од сите играорни подрачја на нашата држава, а за нивна презентација ова друштво располага и со соодветна оригинална и стилизирана носија од горе споменатите региони.

Благодарение на политиката на КУД „Дримкол“ насочена кон истражување, обработка, негување и презентација на изворниот фолклор како и начинот на кој сето тоа го прави, фолклорниот ансамбл успеа да се вброи меѓу првите 5 ансамбли во Македонија и според критериумите на Министерството за култура на Република Македонија, ова друштво спаѓа во Друштва од Прва категорија.

 

Strugaonline: Каде сè имате настапувано во странство и какви се реакциите на публиката во Македонија и надвор од неа?

Јасмина Бебекоска: Покрај редовното учество на домашните фолклорни фестивали: „Балкански фестивал“ – Охрид, „Илинденски денови“ -Битола, „Оро без граници“ – Скопје и други домашни фестивали, фолклорниот ансамбал ја презентирал македонската култура и традиција и на многу странски фестивали и тоа: Хрватска, Србија, Црна Гора, Германија, Полска, Турција, Бугарија, Египет, Сардинија, Русија, Украина, Грција, Босна и Херцеговина, Словенија, Велика Британија, Франција Азербејџан, Чешка, Литванија. И во Македонија, но и во странство публиката ја препознава нашата енергија и посветеност и ни возвраќа на многу позитивен начин.

Strugaonline: Во изминативе години го достигнавте врвот, но верувам имате уште многу планови за во иднина. Кои се Вашите следни планирани активности?

Јасмина Бебекоска: КУД ,,Дримкол“ и во иднина ќе продолжи да ја презентира македонската култура – квалитетно, чесно и достоинствено. Посебно внимание посветуваме на работата со најмладите членови на Дримкол на нивна едукација и запознавање со културното наследство и се надеваме дека тие ќе бидат главната нишка за продолжување на оваа 7 децениска традиција.

Извор: Strugaonline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари