Теренски увид во реализацијата на новиот водовод во Струга и колекторскиот систем Радожда–Калишта
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, заедно со министерот за животна средина Мухамет Хоџа, вчера реализираа теренска посета за увид во реализацијата на два значајни инфраструктурни проекти во регионот.
Во рамки на посетата беше извршен увид во изградбата на нов модерен водоводен систем, инвестиција вредна околу 90 милиони денари. Со проектот се врши замена на старите азбестни цевки со современи и безбедни материјали, што ќе овозможи постабилно водоснабдување, намалување на загубите во системот и значително подобрување на квалитетот на водата за граѓаните.
Според информациите од терен, досега се реализирани повеќе од 50 проценти од предвидените активности, а завршувањето на работите од првата фаза се очекува пред почетокот на летната сезона.
Паралелно со ова, продолжуваат и работите на колекторскиот систем Радожда–Калишта, кој претставува клучна инвестиција за заштита на Охридско Езеро и за обезбедување одржлив развој на регионот.
Од Општина Струга истакнуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со реализација на инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и зачувување на природните богатства на регионот.
StrugaOnline

