Стружанките од ЖКК Струга 2009 поведоа со 1:0 во финалната серија и се чекор поблиску до Првата лига
Екипата на Ж.К.К. Струга 2009 оствари значајна победа над Ж.К.К. Гевгелија со резултат 72:70 во првиот натпревар од финалната серија за пласман во Првата лига.
Домашниот состав одлично го отвори натпреварот, добивајќи ја првата четвртина со убедливи 26:14, но гостинките возвратија во втората четвртина (9:25) и на полувреме се замина со израмнет резултат. Во второто полувреме се водеше израмнета борба, а Стружанките беа посмирени и поконкретни во самиот финиш, што им ја донесе заслужената победа.
Најефикасна во редовите на Струга беше Муртезаи со 29 поени, додека капитенот Хиса додаде 16. Значаен придонес дадоа и Зиба со 13 поени, Даути со 7, Миладиноска со 3, како и Таранеши и Кавај со по 2 поени. Кај гостинската екипа се истакна искусната Едина Муса, поранешна репрезентативка на Македонија, додека Стојкоска постигна 17, а Стојаноска 15 поени.
По натпреварот, тренерот Владимир Ѓоровиќ не го криеше задоволството од изданието на својата екипа:
„Вечерва изигравме над нашите можности и навистина сум многу горд на мојата екипа. Имавме одлична прва четвртина, но и многу слаба втора. Сепак, успеавме да се вратиме во игра кон крајот на третата четвртина, а во четвртата бевме подобри во самата завршница и заслужено победивме. Водиме со 1:0, следниот натпревар се игра во Гевгелија. Ако победиме, влегуваме во Првата лига, а ако загубиме ќе има мајсторка. Влегуваме растеретено, бидејќи веќе ги надминавме очекувањата, но искрено – одиме на победа. Девојките вечерва видоа дека можат.“
Вториот натпревар од серијата ќе се одигра во Гевгелија, каде Ж.К.К. Струга 2009 ќе има шанса со нов триумф да обезбеди историски пласман во елитното друштво.
StrugaOnline

