ЖРК Струга сигурна против Чаир – победа од 22:18 во пионерската лига
Во рамките на 14. коло од пионерската лига, екипата на ЖРК Струга забележа нова победа, совладувајќи го тимот на ЖРК Чаир со резултат 22:18.
Стружанките од самиот почеток наметнаа силно темпо и целосно го контролираа текот на натпреварот. Со цврста и организирана одбрана, како и сигурна игра во нападот, домашниот состав не дозволи противникот да се наметне во ниту еден дел од средбата. На полувремето резултатот гласеше 10:8 во корист на Струга.
Во вториот дел, ракометарките на Струга продолжија со дисциплинирана игра и ја одржуваа предноста до самиот крај, заслужено стигнувајќи до нови бодови.
Најефикасни во редовите на Струга беа Елена Ѓонеска и Матеа Димитроска со по седум погодоци, додека значаен придонес даде и Леа Пејоска со четири гола.
Натпреварот беше обележан и со поцврста, на моменти и груба игра од страна на гостинската екипа на Чаир, што беше евидентно во текот на целиот натпревар, но тоа не ја наруши концентрацијата на стружанките, кои останаа фокусирани на својата игра и ја приведоа средбата во своја корист.
StrugaOnline

