Бранкица Размоска пациентка во Нефрологија Струга ја претставува Македонија на меѓународна конференција за „Holiday Dialysis“ во Полска
14.05.2026 1740 ViewsСподели
Во Сопот, Полска, од 13 мај 2026 година се одржува меѓународната „D.Holiday“ конференција, на која учествуваат здравствени професионалци и здруженија на пациенти од 26 земји ширум светот, со цел да се унапреди мобилноста и можностите за патување на лицата кои живеат со хронична бубрежна болест, особено пациентите на дијализа.
На конференцијата свое учество има и Македонија, преку пациентката Бранкица Размоска, која го претставува Здружението НЕФРОН и Специјализираната болница за нефрологија. Нејзиното присуство на овој значаен меѓународен настан претставува уште една потврда дека лицата на дијализа можат активно да живеат, да патуваат и да стекнуваат нови животни искуства, без ограничувања.
„Од бреговите на Струга до бреговите на Балтичкото Море“ – токму така од болницата ја опишуваат оваа успешна приказна, потенцирајќи дека дијализата не смее да биде пречка за квалитетен и исполнет живот.
Во Специјализираната болница за нефрологија концептот „Holiday Dialysis“ претставува долгогодишна практика и еден од сегментите по кои установата е препознатлива. Целта е пациентите да добијат сигурна, навремена и квалитетна дијализа не само во местото на живеење, туку и за време на патувања и престои надвор од државата.
Од болницата упатија благодарност до организаторите и меѓународните партнери за можноста за размена на искуства и знаења, што ќе придонесе за понатамошно унапредување на „Holiday Dialysis“ програмите и подобра организација на патувањата за пациентите на дијализа ширум Европа.