Лев банер Десен банер

Три златни и сребрен медал за младите триатлонци на „3 Дисциплини“ Струга во Романија

Младите натпреварувачи на Триатлон клуб „3 Дисциплини“ Струга повторно ја потврдија својата класа на меѓународна сцена, освојувајќи врвни пласмани на Европскиот куп во триатлон кој се одржа на 30 и 31 мај во Мамаја, Романија.

Во силна конкуренција од повеќе европски земји, младите триатлонци на клубот покажаа извонредна подготвеност, спортски дух и посветеност, враќајќи се дома со одлични резултати.

Најголем успех оствари Јован Кутаноски, кој го освои првото место во категоријата од 11 до 12 години, оставајќи зад себе дури 50 натпреварувачи во една од најконкурентните трки на турнирот.

Одличен настап забележа и Дарија Магдис, која го освои второто место во категоријата од 9 до 10 години, додека Бисера Кутаноска се искачи на највисокото место на победничкиот пиедестал во категоријата од 6 до 8 години.

Успешен настап имаа и Стефанија и Софија Кутаноски, Марко Шаврески и Игнатиј Милески, кои со своите пласмани дадоа значаен придонес во успешното претставување на клубот.

На 30 мај на Европскиот куп настапија и македонските репрезентативци Тија Кукунешоска и Матео Мачоски, кои достојно ги бранеа боите на Македонија на ова престижно натпреварување.

Од клубот истакнуваат дека освоените медали се резултат на долгогодишна работа, дисциплина и посветеност на младите спортисти.

„Овие резултати се плод на големиот труд, дисциплина, истрајност и љубов кон спортот што секојдневно ги покажуваат нашите натпреварувачи. Секој настап претставува нов предизвик, а секој освоен медал е потврда дека напорната работа секогаш носи резултати. Горди сме на сите наши членови кои достојно го претставија клубот и Македонија на Европскиот куп во Мамаја. Им честитаме за одличните пласмани и им посакуваме уште многу успеси, нови предизвици и освоени подиуми во иднина“, истакнаа од Триатлон клуб „3 Дисциплини“.

Успесите од Романија се уште една потврда дека Триалон клубот „3 Дисциплини“ продолжува да создава млади шампиони и успешно да го афирмира триатлонот како спорт во Македонија и надвор од нејзините граници.

StrugaOnline

error: