Лев банер Десен банер

Стотици детски насмевки го исполнија Паркот на поезијата, вчера Струга го одбележа Денот на детето

Со музика, игри и богата забавна програма, најмладите вчера уживаа во прославата по повод 1 Јуни – Меѓународниот ден на детето.

Паркот на поезијата вчера беше центар на детската радост и веселба, каде Општина Струга заедно со најмладите жители го одбележа 1 Јуни – Меѓународниот ден на детето.

Настанот помина во знакот на музиката, игрите, дружењето и бројните активности кои донесоа насмевки на лицата на децата. Паркот беше исполнет со позитивна енергија, смеа и незаборавни моменти, создавајќи вистинска празнична атмосфера за најмладите.

Од Општина Струга истакнуваат дека децата се најголемото богатство на секое општество и најсилната инспирација за градење подобра иднина.

„Денешната прослава уште еднаш покажа колку е важно да им посветуваме внимание на најмладите и да создаваме можности за нивна среќа, развој и дружење. Среќни сме што заедно со децата и нивните семејства создадовме ден исполнет со радост, смеа и убави спомени. На сите деца им посакуваме безгрижно детство, добро здравје, многу среќа и можност да ги остварат своите соништа“, велат од Општина Струга.

Од локалната самоуправа упатија благодарност до сите институции, училишта, организации и компании кои дадоа поддршка во организацијата на настанот и придонесоа за успешното одбележување на Денот на детето.

Меѓу партнерите кои помогнаа во реализацијата на настанот се НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, ЈП Комунално Струга, основните и средните училишта од општината, ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“, Арт Центар Струга, Хотел Дрим и младинската организација Youth For Struga.

Прославата заврши со многу детски насмевки и порака дека вложувањето во децата е вложување во иднината на Струга и целото општество.

StrugaOnline

error: