Лев банер Десен банер

Врвни светски археолози на Симпозиум од утре во Охрид

Охрид повторно ќе биде домаќин на еминентни светски археолози и научници, кои ќе се соберат на меѓународен симпозиум посветен на археолошките истражувања, културното наследство и историјата на Медитеранот.

Институтот за историја и археологија при Универзитетот „Гоце Делчев“, во соработка со Институтот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, како и со повеќе партнери од Македонија и светот, го организира Вториот меѓународен научен симпозиум за теоретска медитеранска археологија „Лихнида“.

Симпозиумот ќе се одржи од 18 до 20 септември 2026 година, на повеќе значајни локации поврзани со охридското и македонското културно наследство.

На научниот собир ќе присуствуваат истакнати професори, археолози и истражувачи од некои од најпознатите светски универзитети и научни институции.

Меѓу учесниците се најавени основачот и долгогодишен претседател на Шпанскиот институт за културно наследство, како и поранешен претседател на Европската асоцијација на археолозите, професор Фелипе Криадо Боадо, европскиот и холандски академик Варшлаус, како и раководители и професори од престижни институции.

На симпозиумот ќе учествуваат претставници од универзитетите „Сапиенца“ во Рим, Универзитетот во Лајден, Универзити Колеџ Лондон, Институтот „Макс Планк“ од Фиренца, Универзитетот во Гетеборг, Полската и Австриската академија, како и УНЕСКО катедрата за наследство на иднината.

Научната програма ќе опфати и учесници од повеќе европски и регионални универзитети и истражувачки центри.

Симпозиумот за теоретска медитеранска археологија втора година по ред го позиционира Охрид како место за меѓународна научна размена во областа на археологијата и културното наследство.

На првиот собир, одржан во 2025 година, учествувале повеќе од 60 учесници од универзитети од САД, Европа и Азија, како и професори од шест македонски универзитети, претставници на музеи и научни институти од земјава.

Овогодишното издание ќе биде посветено на темата „Медитеранската археологија помеѓу империите и империјализмот“, со фокус на научните истражувања и современите теоретски пристапи во проучувањето на медитеранското минато.

Отворањето на симпозиумот ќе се одржи во Охридската галерија на икони, додека научните сесии ќе се реализираат во Куќата на Робевци и Куќата на Узунови.

Свеченото затворање е предвидено во Спомен-куќата на Прличев.

Според директорот на симпозиумот и раководител на Институтот за историја и археологија при УГД, професор Тевдовски, веќе е во подготовка и меѓународна научна публикација, која ќе ги опфати прилозите на еминентните гости и истражувачи од Македонија и од странство.

Со отворањето на меѓународниот симпозиум ќе започне и официјалното чествување на Европските денови на наследството во Охрид, град под заштита на УНЕСКО.

На отворањето се очекуваат обраќања од раководители на Универзитетот „Гоце Делчев“, а најавено е и присуство на претставници на институциите, меѓу кои министри од Владата на Република Северна Македонија, директорката на Управата за културно наследство и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Меѓу најавените гости се и митрополитот Георгиј, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и други претставници од јавниот и научниот живот.

StrugaOnline

error: