Лев банер Десен банер

Народниот театар Охрид одбележува 15 години постоење со премиерата на „Оркестар Титаник“

Со двојна премиера на претставата „Оркестар Титаник“ од бугарскиот драмски автор Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски, Народниот театар Охрид ќе одбележи значаен јубилеј – 15 години од своето формирање како дел од НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид.

Јубилејната претстава ќе биде изведена на 3 и 5 јуни со почеток во 20 часот, а во актерската екипа настапуваат Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Верица Недеска, Филип Кипровски и Томе Станковски. Сценографијата и костимографијата ги потпишува Сергеј Светозарев.

По повод премиерата и јубилејот, режисерот Андреј Цветановски истакнува дека претставата ја носи универзалната порака за надежта како суштински двигател на човековото постоење.

„Надежта е основна категорија на човековото постоење. Она што нè издвојува и нè прави луѓе. Ако немаш надеж, ништо не си. Овие луѓе живеат на напуштена железничка станица и сонуваат за својот воз, за својот брод, за својот излез, за своето постоење. Низ таа потрага тие наоѓаат нешто што го имаат заборавено – сопственото јас и причината за своето постоење. Со оваа премиера се прославуваат 15 години од формирањето на театарот. На 3 јуни по 46-ти пат ќе се отворат вратите за нова претстава која охридската публика ќе ја погледне за првпат. Се надевам дека ќе се видиме и на прославата за 30 години од формирањето. Да живее театарот!“, вели Цветановски.

Прославата на јубилејот ќе започне во 19 часот со свечено отворање на изложбата „Историска патека на театарски претстави“, која претставува ретроспективен времеплов низ богатата продукција на Народниот театар Охрид. Посетителите ќе имаат можност да разгледаат костимографски и сценски поставки од досегашните претстави, а изложбата ќе остане отворена и во наредните денови.

Во изминатите 15 години Народниот театар Охрид се етаблираше како значаен културен двигател во градот и регионот, создавајќи десетици театарски продукции и градејќи препознатлив уметнички идентитет пред охридската и македонската публика.

StrugaOnline

error: