Струга вечерва го игра најважниот натпревар сезонава: Бараж за опстанок против Младост Богданци
Ракометарите на Струга вечерва од 19:00 часот во спортската сала „Антон Димитров“ во скопската населба Бутел ќе го одиграат можеби најважниот натпревар сезонава, во кој против Младост Богданци ќе се борат за место во машката Супер лига и наредната сезона.
Стружани повторно се најдоа во ситуација преку бараж да го обезбедуваат својот суперлигашки статус, исто како и минатата година, па и овојпат ги очекува тежок и неизвесен предизвик во битката за опстанок во елитното ракометно друштво.
Од другата страна ќе биде амбициозниот состав на Младост Богданци, кој беше на чекор до директен пласман во Супер лигата. Сепак, еден неочекуван кикс во завршницата на сезоната ги остави Богданчани без директна промоција, па сега својата шанса за влез во елитата ќе мора да ја бараат преку баражот.
Од таборот на РК Струга упатија повик до сите стружани и љубители на ракометот да дојдат во салата и да дадат поддршка во клучниот натпревар за иднината на клубот.
„Ни е потребна поддршка од стружани. РК Струга да опстане во елитната Супер машка лига. Струга едно срце!“, порачаа од клубот.
Се очекува неизвесен и борбен натпревар во кој влогот е огромен – опстанок за Струга и историска можност за Младост Богданци да стане дел од суперлигашкото друштво.
StrugaOnline

