Лев банер Десен банер

Со премиерата на „Оркестар Титаник“, Охридскиот театар денеска одбележува 15 години постоење

Со двојна премиера на претставата „Оркестар Титаник“ од бугарскиот драмски автор Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски, Народниот театар Охрид денеска ќе го одбележи јубилејот – 15 години постоење како дел од Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

Новата театарска продукција ќе биде изведена вечерва, а охридската публика ќе има можност повторно да ја погледне и на 5 јуни со почеток во 20 часот.

Во претставата настапуваат актерите Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Верица Недеска, Филип Кипровски и Томе Станковски, додека сценографијата и костимографијата ги потпишува Сергеј Светозарев.

Пред почетокот на претставата, во рамки на одбележувањето на јубилејот, од 19 часот ќе биде отворена изложбата „Историска патека на театарски претстави“, која преку костимографски и сценски поставки ќе понуди ретроспектива на најзначајните продукции на Народниот театар Охрид во изминатите 15 години. Изложбата ќе остане отворена за посетителите и во наредните денови.

Режисерот Андреј Цветановски истакнува дека „Оркестар Титаник“ е приказна за надежта како суштинска човечка вредност и потрага по смислата на постоењето.

„Надежта е основна категорија на човековото постоење. Она што нè издвојува и нè прави луѓе. Ако немаш надеж, ништо не си. Овие луѓе живеат на напуштена железничка станица и сонуваат за својот воз, за својот брод, за својот излез, за своето постоење. Низ таа потрага тие наоѓаат нешто што го имаат заборавено – сопственото јас и причината за своето постоење.

Со оваа премиера се прославуваат 15 години од формирањето на театарот. На 3 јуни по 46-ти пат ќе се отворат вратите за нова претстава која охридската публика ќе ја погледне за првпат. Се надевам дека ќе се видиме и на прославата за 30 години од формирањето. Да живее театарот!“, порача Цветановски.

StrugaOnline

error: