„Езерски бран“ од Струга со успешен настап на „Преспанска софра“ во Љубојно
Мешаната пејачка група „Езерски бран“ при Здружението на пензионери – Струга приреди целовечерен концерт во живописното преспанско село Љубојно, како дел од културно-уметничката програма на манифестацијата „Преспанска софра“. Под раководство на Нада Циркоска, струшките пензионери со изведбата на староградски македонски песни ја воодушевија бројната публика и придонесоа за незаборавната атмосфера.
Годинашното издание на „Преспанска софра“, организирано од Месната заедница на селото Љубојно, имаше посебно свечен и емотивен карактер, бидејќи беше одбележан значајниот јубилеј – 50 години од изградбата на селскиот водовод, проект кој пред половина век го подобри животот на жителите на ова преспанско село.
Љубојно за време на манифестацијата стана вистински центар на македонската традиција, гастрономија и култура. Плоштадот беше исполнет со штандови на кои беа изложени традиционални јадења подготвени по стари рецепти, автентични преспански земјоделски производи и рачно изработени предмети, кои ја отсликуваат богатата традиција и умешноста на локалното население.
Посетителите, кои пристигнаа од повеќе краеви на земјата и од странство, уживаа во богатата културно-уметничка програма. За одличното расположение се погрижија оркестарот „Антика“ и пејачката група „Езерски бран“, која со безвременските староградски македонски песни ги разигра и распеа сите генерации, создавајќи атмосфера што долго ќе се памети.
Манифестацијата уште еднаш потврди дека Љубојно е еден од најзначајните чувари на македонската традиција, културен идентитет и народна песна, обединувајќи ги мештаните, иселениците и бројните гости во едно заедничко празнување.
Како признание за успешниот настап и придонесот во културната програма, организаторите ѝ врачија Благодарница на мешаната пејачка група „Езерски бран“ од Здружението на пензионери – Струга.
Организаторите изразија задоволство од големата посетеност и успешната реализација на манифестацијата, најавувајќи дека „Преспанска софра“ и во иднина ќе продолжи да ги негува македонските традиции и широко ќе ги отвора вратите на Љубојно за сите љубители на културното наследство.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

