Стефан Спироски се закити со две значајни признанија на „Охрид Фест – Интернационална вечер“
Песната „Дури постојам“ кај Стефан била подготвувана подолго време, уште пред заминувањето на големиот македонски композитор Кире Костов, но тој решил да го почека вистинскиот момент за нејзината премиера.
„Песната „Дури постојам“’ е кај мене веќе подолго време, уште пред да почине Кире Костов, но сакав да го почекам вистинскиот момент за да ја изведам. Морам да признаам дека беше огромна чест, но и голема одговорност да застанам на сцената со последната композиција на еден таков великан. Оваа песна има посебна тежина за мене и навистина сум пресреќен што токму на ‘Охрид Фест’ имав можност да ја претставам пред публиката“, вели Спироски.
Тој упати голема благодарност и до Огнен Неделковски, кој стои зад текстот на песната.
„Премногу сум благодарен за прекрасниот текст на Огнен Неделковски. Тој даде посебна емоција на целата песна и ми беше огромно задоволство да ја испеам.“
Спироски не го крие задоволството ниту од освоените признанија на фестивалот.
„Премногу сум горд што ја освоив Првата награда од стручното жири, како и Наградата за најдобар сценски настап. За сценскиот настап огромен придонес има Studio BAH од Струга, со кои заедно направивме нешто на кое навистина сум горд. Прекрасно се чувствувам и ова за мене е голема мотивација за сè што следува.“
По настапот на „Охрид Фест“, Спироски најавува дека продолжува активно да работи на нова музика.
„Во моментов работам на уште неколку нови песни. Една од нив ја подготвувам заедно со Копрoв и Огнен Неделковски, а веќе работам и на песна со Антонија Шола, која таа лично ми ја напиша. Имам уште многу планови и се надевам дека периодот што следува ќе донесе уште многу убава музика.“
Со двете освоени награди на Интернационалната вечер на „Охрид Фест“, Стефан Спироски уште еднаш потврди дека сериозно чекори на македонската музичка сцена, а „Дури постојам“ доби посебно место како песна со која му оддаде чест на еден од големите македонски музички великани – Кире Костов.
StrugaOnline

